Извршниот директор на Тесла, Илон Маск, објави дека овој производител на електрични автомобили најверојатно следната година ќе лансира прототип на хуманоидниот робот „Тесла бот“, кој е дизајниран за опасни, повторливи или здодевни работи кои луѓето не ги сакаат.
Обраќајќи се на Денот на вештачката интелигенција (АИ) на „Тесла“, милијардерот претприемач рече дека роботот, висок околу 1,76 метри, ќе може да извршува различни задачи, како што е вртење завртки за автомобили со клуч или подигање намирници во продавници, пренесува Ројтерс.
Роботот ќе има „далекусежно влијание врз економијата“ со решавање на проблемот со недостаток на работна сила, рече Маск. Тој додаде дека е важно машината да не е „прескапа“.
Компанијата го одржа Денот на вештачката интелигенција за време на жестоката истрага во САД во врска со безбедноста и потенцијалот на напредниот систем за автопилот на „Тесла“ за да им помогне на возачите, односно системот за целосно самоуправувачки автомобили.
Маск не ја коментираше истрагата за безбедноста на технологијата на „Тесла“, но рече дека е убеден дека ќе постигне автомобилите да управуваат со возилата целосно независно и побезбедно од луѓето, со употреба на камери и компјутери вградени во возилата.
На синоќешниот настан, компанијата претстави и чипови кои ги дизајнираше за својот супер брз компјутер Доџо, кој ќе помогне да се развие автоматски систем за возење. Маск рече дека Доџо ќе биде оперативен следната година.
Тој, исто така, најави дека „Тесла“ ќе претстави нов хардвер за својот компјутер за електричниот камионет „Сајбертрак“ за „приближно една година“.
(Denar.mk)
(фото: YouTube)