Александар Лазовски: „Моќта на заедницата – тајната движечка сила зад ЕДУИНО“

- Advertisement -

Проектот ЕДУИНО, кој е имплементиран од невладината организација Смарт Ап – Лабораторија за иновации, има цел подобрување на образованието преку поттикнување на иновативноста и ко-креирањето.         

Токму преку овој проект се креираше и ЕДУИНО, колективниот портал за дигитални образовни содржини, соработка и професионален развој, кој е во сопственост на Бирото за развој на образованието (БРО) и претставува и единствен портал од ваков вид на територијата на нашата држава, а и пошироко. Создаден е за рекордно кратко време, во месец март 2020-та година, како брз и иновативен одговор на потребата за нов начин на спроведување на настава на далечина, наметнат од пандемијата КОВИД-19. Фасцинантен е фактот, што по прогласувањето на карантинот и прекинот на нормалното одвивање на наставата, за итно време се задоволи потребата за обезбедување на онлајн едукативни материјали, па речиси преку ноќ, за само 5 дена, започнува да функционира Е-училницата на ЕДУИНО.

Со цел да дознаеме нешто повеќе за приказната и методолгијата која стои зад ЕДУИНО,  во ова интервју зборуваме со главниот проектен менаџер, господинот Александар Лазовски.

- Advertisement -

Лазовски, од што беше поттикната првичната идеја за креирање на ЕДУИНО, кога започнавте со овој процес и која ви беше главната намера?

 Образовниот Хакатон во организација на СмартАп

„Приказната зад ЕДУИНО започнува некаде во декември 2017 година, за време на нашиот прв и возбудлив #ОбразовенХакатон. За време на овој настан, на едно место бевме собрани повеќе мултидисциплинарни тимови, составени од наставници, воспитувачи, родители, ученици, дизајнери и програмери, сите со неизмерно силна пасија за подобрување на образованието во нашата земја. Токму тогаш дојде до израз моќта на заедницата, затоа што сите заедно почнавме да размислуваме како можеме да ја подобриме моменталната состојба, преку креирање на серија на нови иновативни алатки и ресурси.    

- Advertisement -

Само 3 години подоцна, по многу заеднички активности, меѓу кои и прочуениот 18 дневен #ОбразовенКамп, во кој учествуваа повеќе од 100 едукатори и членови на заедницата, веќе забразно работевме на креирање на платформа за ран детски развој која беше замислена како место со отворени и достапни ресурси за ученици на возраст од 3 до 10 години. Но, во март 2020 година, неочекувано сите се најдовме под ударот на пандемијата КОВИД-19, па реагиравме брзо на барањето од Министерството за образование и наука и Бирото за развој на образование и ја променивме нашата дизајн-филозофија, што резултираше со тоа заедно со нашите партнери и соработници во рекордно време успеавме да го подигнеме ЕДУИНО”, првиот колективен портал за образовни содржини.“

„ЕДУИНО беше и ѐ одговор на потребите на ситуацијата, но всушност претставува многу повеќе од тоа. ЕДУИНО е одговор на потребата да се обезбеди континуиран процес на учење за нашите ученици и да се понуди потребната поддршка и чувство на колективно делување на заедницата на едукатори ширум државата“ – изјави Александар

Очигледно е дека моќта на заедницата од самиот старт одиграла голема улога за раѓањето на ЕДУИНО, но кои се луѓето кои денес стојат зад овој уникатен и моќен портал, пред сѐ во поглед на менаџирање на проектот и кои всушност се вашите главни соработници?

- Advertisement -

-„Да навистина е така, нашата најголема моќ е токму заедничкото делување на лицата со слични интереси и идеи. Колективниот портал ЕДУИНО е предводен и е во сопственост на Бирото за развој на образование (БРО). Во работата на порталот и во одобрувањето на содржините активно се вклучени советниците и менаџментот на Бирото. Дополнително, како партнери во проектот се вклучени и Министерството за образование и наука (МОН) и Министерството за труд и социјална политика (МТСП). Проектот од своите почетоци е поддржан од страна на нашите долгорочни партнери УНИЦЕФ, а финансиски е поддржан и од Владата на Обединетото Кралство преку Британската амбасада во Скопје.

Проектот го спроведува нашата организација СмартАп која специјализира во полето на развивање на иновации кои претставуваат одговор на општствените предизвици. Техничката подготовка и оддржување на колективниот портал ја спроведуваат нашите неуморни партнери, SyNRG Software & IT Solutions. Проектот е исто така потпомогнат од ФИНКИ и ФЗФ Скопје.“ 

Навистина имате одичен тим на соработници, а тоа само ја потврдува вредноста на вашиот портал. Би сакале ли да ни кажете нешто повеќе за тоа која е визијата, мисијата и главната цел на ЕДУИНО?

-„Главната цел на проектот е да го подобри образованието, преку поттикнување на иновации и ко-креирање. Нашата намера е да успееме рапидно да се придвижиме кон уште поголемо осовременување на образованието преку креирање на иновативни алатки, процеси и системи за поддршка на посветените и проактивни образовни работници и поттикнување на нивно заедничко делување, во насока на создавање на уште поголема ЕДУИНО заедница, која всушност е главниот причинител за досегашниот неверојатен успех на нашата работа.

Долгорочно ЕДУИНО го гледаме како место со отворени, достапни и корисни ресурси, но и како место на кое може да се најдат достапни содржини за професионален развој на модерниот наставник, како и достапни алатки и платформи за надминување на предизвиците со кои речиси секојдневно се соочуваат едукаторите.

Нашата цел не е само да го осовремениме образовниот процес, туку истовремено да успееме да го помогнеме и да го олесниме процесот на учење за наставникот, ученикот и родителот.“

Александар, како проектен менаџер, која поконкретно е вашата улога во овој проект и што е причината за вашата пасија кон областа образование? Со други зборови што е тоа што вас лично ве мотивира посветено и континуирано да работите на ова поле?

-„Би можело да се каже дека сум еден од главните иницијатори на овој проект и еден од луѓето кои навистина многу работа и енергија посветија на неговиот развој во последните неколку години.

Мојата улога варира, бидејќи проект со ваков голем обем и комплексност има најразлични побарувања, па така некогаш таа е менаџерска, некогаш стратешка, па се до оперативна улога. Во моментов сум одговорен за поширок тим од повеќе од 20 лица кои работат на проектот и сум насочен кон обезбедување на поголема одржливост за истиот, како и кон скалирање на нашите напори со цел да преминеме од кризно решение, кон долгорочно решение кое ќе биде тука за поддршка на идните генерации ученици и наставници. Мојата пасија доаѓа од идејата дека за да ја подобриме нашата земја потребно е да креираме идни генерации кои се подобри од нас, а според мене образованието е клучната област која мораме да ја подобриме ако сакаме да видиме прогрес.

Воден сум од личниот бунт, од некоја внатрешна силна енергија и од поривот со кој се спротиставувам на идејата дека се треба да оди бавно и дека нема можности за рапиден прогрес во мали држави како нашата. Напротив, сметам дека во вакви контексти може да се градат силни заедници и да се подобрат драстично резултатите со неколку добри и обмислени решенија.“

Да, потполно се согласуваме дека промената во нашиот образовен систем е неопходна и возможна, особно ако во вистинскиот момент се здружат луѓето со сличен порив, идеи и проактивност. Во тој контекст раскажете ни која е вашата тајна формула со која успеавте да го изградите најбрзорастечкиот едукативен портал во земјава? Како успеавте во тоа?

-„Тајната формула и не е така тајна. Основата на нашиот успех и причината поради која сме номинирани за наградата Teachers for a changing worldна Hundred е ЕДУИНО заедницата, која и во пракса уште еднаш потврди дека заедно сме посилни.

Нашата заедница која брои над 20.000 наставници, воспитувачи, дизајнери, програмери, родители, ученици и креатори, денес и во светски рамки е доказ за моќта на колективното обединување и дејствување во решавање на системски предизвици. Сите ние кои сме дел од заедницата на ЕДУИНО, активно учествуваме во сите наши активности и знаеме дека заедно сме посилни, бидејќи имаме идеја која заеднички ја делиме и во која од сѐ срце веруваме, а тоа е подобрување на образованието! Морам да додадам дека иако станува збор за огромна едукаторска заедница, сепак се цени и се вреднува личниот придонес и посветеност, па токму затоа најистакнатите членови на оваа заедница се признаени како ЕДУИНО Амбасадори и истите претставуваат еден многу важен дел од посебно дизајнираната програма наменета за најпосветените едукатори. Ваквата заедница комбинирана со неверојатната посветеност на тимот кој неуморно работеше на проектот (и со кој сум неизмерно горд) и со одличната соработка со партнерите и институции донесе до резултатите кои ги имаме во моментов и се надевам дека ќе бидеме позитивен пример, не само тука, туку и во светот, за да можат и другите да го следат нашиот пример.“

„Сите ние кои сме дел од заедницата на ЕДУИНО, активно учествуваме во сите наши активности и знаеме дека заедно сме посилни.“ – раскажува Лазовски.

Навистина постигнавте огромен успех и треба да сте горди, секоја чест за упорноста и заедничкото делување на сите вас. Интригира фактот како за само една година од активирањето на Е-училницата, виеуспеавте да вклучите над 1.000 едукатори, со оглед на тоа дека сите овие лица волонтерски се вклучиле во проектот?  Како  успевате да привлечете толкав голем интерес и континуирано да ја одржувате желбата за взаемна соработка?

-„Она што го сфативме преку овој проект е дека во нашата држава има проактивни, иновативни и напредни образовни работници. Но, на овие луѓе им недостасува поттик, соодветен тренинг и тим во кого ќе видат партнер и со кој може да се реализираат себеси и своите замисли и идеи. Токму затоа посветуваме многу време во дизајнирање на нашите отворени повици, игратони, вебинари, предизвици и се обидуваме да креираме ресурси кои навистина им се пред сѐ потребни, корисни и сѐ во тек со модерното време.

Преку ваквата повеќенаменска поддршка тие се чувствуваа охрабрени и добредојдени да бидат дел од овој проект и мислам дека успехот се должи најмногу на тоа чувство на топлина и деталност кое го изградивме. Нормално, во процесот многу работевме на техничката поддршка, како и на посебен систем за дигитални сертификати со цел нивниот труд да биде валоризиран и вреднуван. Ова на крајот го комбиниравме и со нашата програма ЕДУИНО Амбасадори со цел да обезбедиме посебна благодарност за оние со најголемо учество и придонес во проектот.“

Како заинтересираните едукатори можат да се вклучат во ЕДУИНО проектот? Дали постојат некои посебни услови кои тие треба да ги задоволат, за да може активно да допринесат за збогатување на содржината на овој портал?

-„Пред сѐ, би сакал да ги поканам сите заинтересирани, без разлика дали се едукатори, родители или ученици да им се приклучат на нашите отворени ЕДУИНО заедници. Одличен почеток е нашата Facebook страна Едуино – колективен портал за дигитални содржини, Instagram профилот @eduinoportal и YouTube каналот Eduino Platform. Можете да се приклучите и на нашите три фејсбук групи: ЕДУИНО Заедница, ЕДУИНО Едукатори и ЕДУИНО Амбасадори или пак да се пријавите за редовни известувања преку нашиот билтен најдолу на веб-страната www.eduino.gov.mk

Од септември проектот ЕДУИНО ќе се активира со засилено темпо и ќе има серија на различни активности во кои ќе може да се вклучите. Сите тие се засебни, со посебни насоки и можности, па ќе оставам на оние кои се заинтересирани да дознаат повеќе штом ќе ги објавиме. Најголемиот дел од нив се од целосно отворен карактер, без посебни критериуми или побарувања.“

ЕДУИНО денес располага со одлична база на едукативни материјали,  па какви се вашите замисли и планови во однос на видеолекциите и нивната употреба во иднина?

-„Знаејќи дека процесот на пребарување и користење на видеолекциите во моменталниот pdf формат е реален проблем и предизвик за наставниот кадар, се решивме да направиме значителни подобрувања во техничкиот аспект и да ја отвориме националната библиотека со видеолекции. Таа ќе има можности за пребарување и филтрирање и ќе биде многу побрза и подостапна и за образовните работници и за учениците. Веќе сме во финалните фази на рекатегоризацијата на сите содржини, по што ќе преминеме кон техничка имплементација.“

Резултатите од меѓусебната соработка на ЕДУИНО заедницата се очигедни, но дали сметате дека заедницата, односно заедничката соработка на луѓето е еден од клучните фактори во решавањето на било какви општествени предизивици?

-„Постоењето и резултатите на колективниот портал од овој тип и воопшто, постоењето и сплотеноста на ЕДУИНО заедницата, се неверојатен ресурс за нашата држава и истите може да бидат неверојатна поддршка во решавање на серија на општествени предизвици, особено оние поврзани со образование, ран детски развој и сл.“

За крај, што би им порачале на сите лица кои читајќи го ова интервју, подобро се запознаа со работата и идејата на ЕДУИНО

-„Ние сме навистина отворени кон фидбек и конструктивна критика и токму затоа пред сѐ би сакал да ги повикам сите кои имаат било какви забелешки или сугестии, слободно да нѐ исконтактираат со својот фидбек и идеи преку е-мејл страницата
eduino@innovationlab.mk.

Исто така сите заинтересирани би сакал да ги поканам да ни се придружат и да станат дел од нашата ЕДУИНО заедница на социјалните медиуми, преку линковите кои ги споделивме погоре и се разбира, би сакал да ги охрабрам да одвојат време и да ги испробаат достапните ресурси и содржини на нашиот портал, да се забавуваат и да учат следејќи ги истите.

За крај би сакал да кажам дека ова е само еден скромен почеток на нашата поголема визија, за чие успешно остварување искрено се надевам дека ќе ни помогнат уште многу повеќе лица, затоа што една поголема заедница, може да нѐ направи да бидеме посилни, бидејќи моќта на заедницата е тајната движечка сила на ЕДУИНО!“

Александар, големa благодарност за одвоеното време и за тоа што споделивте толку многу информации во врска со иновативнот едукативен портал ЕДУИНО. Пред сѐ, честитки за сето она што го имате постигнато досега и посакуваме уште поголеми успеси во иднина!

Искрено се надеваме дека денешново интервју ќе побуди уште поголем интерес како кај едукаторите, така и кај родителите и учениците, па сите активно да можеме се вклучиме во вашата работа и да допринесеме за успешно остварување на големата визија на ЕДУИНО, а тоа е подобро образование за сите нас!

Интервјуто го реализираше Весна Константинова.
Фотографии на Ена Утевска

Сподели!
- Advertisement -