Најава за отворање на биогасната електрана во Сарамзалино

- Advertisement -

Привршуваат градежните работи на биогасната електрана Сарамзалино во oпштина Лозово каде ќе биде опремата за обработка на биомасата, а започната е и монтажа на опремата за производство на биогас. До крајот на годинава се очекува испораката на генераторските единици и со нивната монтажа ќе се комплетираат градежните активности по што е предвидено пуштање во употреба на електраната во април наредната година.

Вкупната инвестиција во оваа електрана е шест милиони евра во првата фаза, што обезбедува 15 дополнителни нови работни места. Изградбата на електраната е започната во јули 2020 година.

- Advertisement -

Годишното производство на електрична енергија од обновливи извори, според најавите, ќе ја задоволи потрошувачката на 2.750 домаќинства во државата.

Стручноста во изведбата на електраната ја гарантираат компании од Австрија, со германска технологија кои работат во Македонија. Инвеститорите имаат под концесија 200 хектари, а вкупно им требаат 600 хектари за севкупно максимално производство на електрична енергија.

- Advertisement -

Инвеститорот Петар Спасески нагласи дека еден од клучните проекти ќе биде системот за наводнување што оваа година е направен на 25 хектари како пилот проект и резултатите, како што посочи, се повеќе од очекуваните. Појасни дека се работи за систем „капка по капка“ поставен во земја, а вода е обезбедена од сопствени бушотини. Во тој систем ќе инвестираат во наредниот период 1,5 – 2 милиони евра за да се добие квалитетна и количински доволно жетва што ќе може да се користи во индустриската преработка.

– Како нуспроизвод ќе имаме два елементи – органско ѓубриво кое ќе треба да се дофабрикува за да може да биде достапно и за другите фармери, а исто така ќе имаме и топлинска енергија два мегавати која може да има многу наменска употреба од изградба на хотелски објекти, спа центри, оранжериско производство итн., појасни Спасески.

- Advertisement -

Градоначаликот на Општина Лозово Ацо Велковски нагласи дека покрај придобивките што ќе ги има локалната самоуправа, со отварање на нови работни места, овој проект директно ќе влијае во поттикнување и модернизација на земјоделското производство во регионот и унапредување на соработката со локалните земјоделски фармери бидејќи биогасната електрана покрај суровините што сама ќе си ги обезбедува, ќе врши и откуп на суровини од локалните преработувачи на храна и земјоделски продукти од земјоделците и фармерите, а во соработка со Јавното комунално претпријатие од Лозово ќе врши откуп на суровини од органско потекло од сите домаќинства во Општината и регионот.

Сподели!
- Advertisement -