Владата на денешната седница го утврди текстот на Предлог-законот за гаранција на Република Северна Македонија за обврските по Договорот за заем за финансирање на проектот на Акционерското друштво за производство на електрична енергија „Електрани на Северна Македонија“ во државна сопственост (ЕСМ) за транзиција кон соларни фотоволтаици, кој ќе се склучи со Европската банка за обнова и развој.
Целта на проектот, како што соопшти владината прес-служба, е да ѝ помогне на земјата во постигнување на европските норми за емисии на стакленички гасови и еколошките цели и заложби на Република Северна Македонија. Истиот ќе има позитивен ефект врз животната средина, бидејќи со пуштање во употреба на фотонапонските електрани ФЕ „Осломеј 2“, со моќност од 10 MW и ФЕ „Битола“, со моќност од 20 MW, ќе се намали производството на електрична енергија од термоцентралите, со што, нема да има штетно влијание врз животната средина.
Оваа инвестиција ќе придонесе за нови вработувања, што позитивно ќе влијае врз социјалниот аспект во овие два региони, каде што е планирана изградбата на двете фотонапонски електрани.
Вкупната проценета вредност на проектот изнесува 25 милиони евра. Проектот се планира да се финансира со заем од ЕБОР и со инвестициски грант од ЕУ од Фондот за инвестиции за Западен Балкан од 5 милиони евра, се наведува во соопштението од Владата.