Гумите отпорни на дупнување се концепт кој ги интригира научниците со години наназад. Производителот на гуми Michelin на таков концепт работи повеќе од 15 години и сега нивната работа ќе вроди со плод. Имено, компанијата по прв пат во реални услови ги тестираше своите гуми кои не содржат воздух.
Годишно во светот се произведуваат над 3 милијарди гуми. Кога ќе им помине животниот век гумите најчесто завршуваат на депонија, каде што може да се запалат и да испуштаат токсичпни гасови во атмосферата. Како и многу други работи произведени од човекот, еден начин да се направат поеколошки гуми е да се користи материјал кој се наоѓа во природата, а другиот начин е да се направат потрајни гуми.
Францускиот производител на гуми Michelin ги користи и двата пристапи за да направи „позелени“ гуми за во иднина. Преку својот проект Vision Concept компанијата сака да направи гуми кои не се наполнети со воздух, се конектирани и одржливи. Unique Punctureproof TIre System (UPTIS) е безвоздушна гума која благодарение на уникатниот дизајн нема потреба да се пумпа со воздух и никогаш не може да се дупне.
Компанијата сега по прв пат ги тестираше тие гуми во јавноста и повика ограничен број на луѓе да посведочат на настанот. Како што велат од Michelin, се очекува гумите да се најдат на пазарот до 2024 година. На почеток новите гуми ќе содржат и рециклирана пластика, а со тек на време компанијата ќе ги замени состојките во гумите со 100% органски материјали или материјали кои се рециклираат.
(Interesting Engineering)
(фото: Flickr)