Се очекува во следните 20 години комерцијалната и трговската флота на Кина двојно да се зголеми и со тоа побарувачката да достигне 20 отсто од светските нарачки за нови авиони.
Американската компанија „Боинг“ предвидува дека до 2040 година, на кинеските авиокомпании ќе им бидат потребни 8.700 нови авиони за да ја задоволат зголемената побарувачка за комерцијални авиони. Проценетата вредност на таквиот потенцијален договор се проценува на 1,47 трилиони долари. Оваа 20-годишна прогноза го одразува закрепнувањето на кинескиот пазар и натамошниот развој на деловните модели на авиокомпаниите.
На својата официјална Интернет страница „Боинг“ објавува прогнози за Кина како дел од прогнозата на трговскиот пазар за 2021 година и долгорочната прогноза на компанијата за побарувачката за комерцијални авиони и услуги.
Економски основи на Кина ги поставуваат темелите за здраво зголемување на воздушниот сообраќај, вклучувајќи раст од 4,4 отсто годишно и демографија со среден приход што ќе се удвои до 2040 година. До 2030 година се очекува домашниот пазар на патници во Кина да го надмине внатрешниот европски сообраќај, а до 2040 година внатрешниот сообраќај на Кина се очекува да го надмине и воздушниот сообраќај кон Северна Америка.
Компанијата, исто така, проценува дека до 2040 година на кинеската индустрија за цивилно воздухопловство ќе и бидат потребни повеќе од 400.000 нови вработени во воздухопловството, вклучувајќи пилоти, техничари и кабински екипаж. Посветеноста на „Боинг“ кон Кина вклучува инвестирање во луѓе кои ќе управуваат со иднината на авијацијата, како што е обука на речиси 100.000 кинески авиациски професионалци и ангажирање на повеќе од 2.500 вработени во „Боинг“. Со целиот свој бизнис, обука, синџир на снабдување и други активности, присуството и партнерствата на „Боинг“ придонесуваат со повеќе од 1,5 милијарди долари годишно во кинеската економија.
-Брзото закрепнување на домашниот кинески сообраќај за време на пандемијата зборува за основната сила и издржливост на пазарот, рече Ричард Вин, извршен директор на „Боинг“. „Покрај тоа, постојат ветувачки можности за значително проширување на меѓународните маршрути на долги релации и капацитет за воздушен товар“, додаде тој.
Фото – Pxhere