Од ноември се отвора онлајн музеј на мобилните телефони

- Advertisement -

Онлајн музеј посветен на историјата на мобилните телефони ќе биде отворен во ноември и ќе содржи преку 2.000 различни мобилни телефони од 200 различни компании.

Креатори на музејот се Бен Вуд и Мет Чатерли, експерти за мобилни телефони, а во него ќе биде прикажан развојот на мобилните телефони од 1984 година до денеска. Нивната идеја е во иднина ова да прерасне и во физичка изложба, со цел повеќе луѓе да можат да ја видат збирката на телефони.

- Advertisement -

„Собирам телефони повеќе од 25 години. Во последните 30 години мобилниот телефон стана нераскинлив дел од општеството, а разноликиот дизајн, од првите преносливи телефони до најновите смартфони, е нешто што треба да се види. Кога онлајн музејот ќе биде отворен сакаме тоа да биде богат извор за учење и начин да ги инспирираме младите да продолжат да создаваат сопствени неверојатни мобилни иновации во иднина“, вели Вуд.

Во онлајн музејот ќе има примероци и од првите мобилни телефони, често големи и тешки уреди кои беа едвај преносливи, па сè до најновите смартфони кои сега содржат врвни камери за фотографии и видеа, како и екрани кои можат да се преклопат.

- Advertisement -

На вебсајтот на музејот стои и известување до граѓаните да ги контактираат доколку сакаат да донираат некои од телефоните кои им недостасуваат во нивната колекција, како Nokia 7705 Twist, Nokia N950, Motorola Aura, Ericsson T66 или Ericsson T68m Gold.

Сподели!
- Advertisement -