Во Стопанската комора на Северна Македонија се конституираше и почна со работа Советот за унапредување на индустриското производство и извозот. За претседател на Советот е избран Виктор Мизо од Костал ДООЕЛ Охрид, додека за потпретседател Никица Мојсовска Блажевски од Македонија 2025.
Членови на Советот се: Ѓорги Тренкоски од Теламон-Европа ДООЕЛ Скопје, Александар Аризанов од Дилоит ДОО Скопје, Сава Станковиќ од Хај-теч корпорација ДОО Скопје, професорот Александар Стојков од Правниот факултет „Јустинијан Први“ при УКИМ, Марта Наумовска Грнарова од Завар компании ДОО Скопје, професорот Атанас Кочов од Машинскиот факултет во Скопје и Боријан Борозанов од Џонсон Мети ДООЕЛ Скопје.
-Со конституирање на овој Совет се заокружи и целосно се стави во функција Вториот столб преку сите конституирани совети до сега: Советот за унапредување на квалитетот на тренингот и обуките, Советот за унапредување на високото образование, Советот за напредни технологии и денешниот Совет за унапредување на индустриското производство и извоз. Додека Првиот столб при Комората и понатаму продолжува да функционира преку Здруженијата, Асоцијациите, Групациите, Центарот за едукација, Центарот за проекти, Бизнис канцеларијата и Центарот за анализи, Втор столб ја исполнува задачата за пружање нови услуги од интерес на бизнисот и сите компании како што се консултантски услуги и лобирање за фирмите, решавање на споровите преку арбитражата и медијацијата, создавање Берза на трудот, преквалификации, создавање Школа на бизнис лидери, формирање на Институт за извоз, поврзување на странските инвеститори со домашните добавувачи…., информира Комората.
Приоритетни цели на Советот се, да изгради стратегија и методологија за развој и поддршка на извозот и индустриските капацититети во соработка со Владата и со сите меѓународни институции кои можат да го помогнат тој процес, како и да им помогне на домашните компании да склучат договори со странските инвеститори во земјава, во согласност со пазарните услови и меѓународните стандарди. Советот ја презема целокупната обврска околу учеството на Комората на специјализираните меѓународни саеми и настани како партнер на Министерството за економија и ја унапредува и насочува работата на Клубот на извозници при Стопанската комора.
Советот за унапредување на производството и извозот најавува дека на прес-конференција детално ќе ја претстави Програмата и Стратегијата за работа.