Кога модата и храната ќе го стават на пиедесталот поимот кој очигледно ќе значи живот, а тоа е SLOW, се случува ваков неверојатен спој – Slow Fashion & Slow Food
Творецот на идејата за овој спој е една прекрасна личност, која пред 12 години дојде да живее во Македонија. Родена е во Русија, а нејзината кариера ги поместува границите и на модата и на перцепцијата што таа значи. Тоа е Светa Богова Јовановска.
Жената која силно заплови доаѓајќи на чело на Fashion Weekend Skopje, постави сосем нови стандарди во организација на вакви настани и Македонија ја стави на светската мапа по промоција на домашните модни дизајнери, но и носејќи светска класа иноватори во оваа индустрија тука кај нас, дома.
Света е жена која иднината отсекогаш ја гледала сега. Оттука нејзината посебност.
За таква посебност ви пишувам и сега, под импресии од настанот кој се случи во живописната Преспа, во еден јаболков овоштарник „Spirit of Prespa” во Царев Двор, се случи увертирата на настаните кој викендов се случуваат во Битола и Штип. А тоа е модниот викенд кој ќе ја слави бавната мода и циркуларната економија под слоганот „Beyond the Fields”, давајќи им простор на 30 креативци и нивните дела за време на иницијативниот проект NoWasteMK.
Преку шоурум, изложба, експериментална колекција и сет на разговори во Битола и Штип, со онлајн вклучувања од Штип до Њујорк, NoWasteMK ќе истражува и дискутира на теми за одржливост, ќе сподели знаење и ќе ги поттикне потребните промени кон поодржливо општество и индустрија!
Новинарка | Љубица Ангелкова
Фотографи | Антонио Станков и Марко Вилиќ
Подолг период се залагате за кружна економија во модниот бизнис. До каде е МКД по ова прашање денес?
Македонија заостанува кога станува збор за кружната економија во модата во споредба со Европа. Но, со поддршка на визионери и ентузијасти кои веќе работат на оваа нова тема, а и со поддршка на државата, може многу брзо Македонија да стане, во најмала рака регионален лидер по ова прашање.
Да не заборавиме, Македонија има голема текстилна индустрија и бескрајни можности за делување на оваа тема.
Идентификувавте интересна група на партнери и истомисленици, што значи има критична маса за добри промени. Кои се тие?
Нашата цел беше да обединиме различни индустрии во Македонија со цел да создадеме ефикасен проток на креативност во различните сектори. Постигнавме унифицирана комуникација и проток на идеи што се фокусира на поттикнување на образование, иновации, дизајн и одржливост преку интердисциплинарни акции и настани. Со идниот развој на оваа меѓусебна поддршка имаме за цел да ги зајакнеме сите индустрии и поединци испреплетени во овој процес кои ги обединуваат традицијата, екологијата и дизајнот.
Годинава со носењето на модниот викенд во Битола и во Штип, поставувате и свои темели на децентрализација на големи настани од Скопје. Колку е тоа важно?
Децентрализацијата на големите настани од главниот град е од големо значење. Прекрасните градови низ целата земја можат да понудат различни историски, културни и социјални фактори. Организирањето настани на овие места промовира национален развој и им овозможува преку историјата и традицијата да се пронајдат во сегашноста. Битола, отсекогаш била мести со авангардни трендови во модата. Битола и денес го положи тестот и со право заслужува модни настани и модна комуникација во секој поглед.
Афирмацијата на модата и нејзините нови тендови се повеќе бараат национална покриеност. Македонија ја има Битола, но го има и Штип, кој да не заборавиме е центар на македонската текстилна индустрија.
Прекрасен спој на slow food & slow fashion направивте во Царев Двор. Како дојдовте на оваа идеја?
Инспирацијата главно доаѓа од локалниот историски аспект. Текстилот и храната имаа практична и креативна поврзаност низ поголемиот дел од македонската историја. Сега изгледа далеку, но фарбањето, ткаењето и создавањето облека секогаш беа дел од испреплетени земјоделски и уметнички дела – дела кои што исто така беа синхронизирани со готвењето. Понатаму, уште еден елемент за историјата на текстилот е дека во исто време храната и текстилот беа толку биоразградливи што не оставаа траги, и затоа сакавме да го вратиме и покажеме овој дел од историјата во сегашноста. Македонскиот накит и носиите влечат корени кој се втемелени во руралниот мелос на Македонија. Заборавениот идентитет, а сега суштински е светски тренд е основа за оваа тема. Македонија го разбуди производството на храна и вино во семејниот и руралниот сектор, така што време е да се вратиме на истиот тренд во модата и да ги разбудиме заспаните индивидуални таленти поврзани со модерните трендови кои се истовремено симбол на Македонија. Ете оттука и идејата да направиме настан заедно со Slow Food кои одлично тоа го работат на овој терен.
#NoWasteMК е фузија од физички и виртуелни активности, реализирани со грант од Circular Design Assembly, доделен од British Council со фасилитација од Ellen MacArthur Foundation. Генералн партнер на проект е СН ОСИГУРИТЕЛЕН БРОКЕР АД БИТОЛА.