Повисоки цени на светско ниво има на житните култури, маслата, млекото, шеќерот… Цената на месото, пак, останала стабилна
Цените на храната на светските пазари во септември се зголемија, втор месец по ред, достигнувајќи рекордно ниво во изминатите десет години, поттикнати од поскапувањето на житариците и растителните масла, соопшти денеска Агенцијата за храна на Обединетите нации (ФАО).
Индексот на цените на храната на ФАО, кој ги следи цените на потрошувачката кошница со основни прехранбени производи, се зголеми за 1,2 отсто во септември во однос на август, достигнувајќи просечни 130 бодови, што е највисока вредност од септември 2011 година. Во споредба со септември лани, пак, иденксот е поголем за 32,8 отсто.
Цените на житните култури најмногу се зголемија минатиот месец, за два отсто во споредба со август, што се одрази на поскапувањето на пченицата за речиси четири проценти поради намалениот извозен капацитет во услови на силна побарувачка.
Растителните масла, исто така, значително поскапеа, за 1,7 отсто во споредба со август. Тоа се должи на растот на цената на палминото масло под влијание на силната увозна побарувачка и загриженоста предизвикана од недостигот на работна сила во Малезија.
Цената на маслото од репка, исто така, значително се зголеми, додека сончогледовото и соиното масло поевтинија.
Во споредба со минатиот септември, цените на растителните масла се повисоки за околу 60 проценти.
Цените на млекото и млечните производи се повисоки за 1,5 отсто, како одраз на драстичниот пораст на цените на путерот и обезмастеното млеко во прав кои, пак, се погодени од побарувачката за увоз и ограничениот капацитет за извоз, особено во Европа, поради ниските резерви и сезонскиот пад на производството на млеко.
Шеќерот поскапе за 0,5 отсто во однос на август поради неповолните временски услови во земјата која е најголем извозник – Бразил, што делумно беше компензирано со забавување на побарувачката за увоз и поволните можности за производство во Индија и Тајланд, покажуваат податоците на ФАО.
Цените на месото беа стабилни бидејќи поскапувањето на овчо и говедско месо поради малата понуда го надомести падот на цените на свинското и живинското месо од влијанието на изобилната понуда и послабата побарувачка за свинско месо во Кина и Европа.
Кај нас, пак, Државниот завод за статистика објави податоци за трошоците за живот. Според податоците, во септември годинава индексот на трошоци се зголемил за 3,7 отсто, а тој за цените на мало за 5,6 отсто во споредба со септември лани.