Франција сака да биде лидер во областа на зелениот водород до 2030 година и ќе изгради нови, помали нуклеарни реактори како дел од инвестицискиот план вреден 30 милијарди евра, чија цел е да ги зајакне своите шампиони во индустријата и да ги поттикне иновациите, рече денеска претседателот на Франција, Емануел Макрон.
Во своето обраќање, шест месеци пред претседателските избори, Макрон рече дека неговата долгорочна патна карта, наречена „Франција 2030“, ќе и овозможи на земјата масовно да ја декарбонизира индустријата и да го приближи производството во клучните индустриски области.
– Мораме да се бориме за иновации и индустријализација истовремено. Ни треба држава што произведува повеќе, рече тој во разговор со група претприемачи.
Макрон додаде дека во неговиот план, клучна улога во градењето на индустриската иднина на Франција ќе играат малите, живи стартап компании, заедно со познатите француски гиганти.
– Треба да ја обновиме рамката за производствена независност на Франција и Европа, нагласи тој.
Франција планира да го произведе првиот авион со ниско ниво на јаглерод до 2030 година, како и масовно производство на електрични возила.
Новиот инвестициски план во вредност од 30 милијарди евра доаѓа заедно со програмата за економско закрепнување од 100 милијарди евра објавена минатата година за поддршка на Франција во справувањето со последиците од пандемијата на коронавирусот, од кои голем дел е подобрување на зелената политика.
Фото – Официјален ФБ профил на Емануел Макрон