Квалитетот на транспортната инфраструктура и трговската логистика, според Извештајот на Европската комисија за напредокот на државава, останува низок.
– На трансевропскиот патен „Коридор 8“ му треба значителна надградба на ниво на автопат. Во јуни 2021 година, вториот рок за завршување на изградбата на автопатот Кичево-Охрид беше пролонгиран. Изградбата на железничкиот „Коридор 8“ кон Бугарија се соочува со значителни одложувања. Надградбата на прекуграничните железнички врски и олеснувањето на премините на железничкиот „Коридор 10“ се одвиваат со задоцнување. Заедничката железничка гранична станица со Србија кај Табановце се уште е во фаза на планирање. Одржувањето и услугата на регионалните и локалните патишта и железничките системи треба да се подобрат, се наведува во Извештајот.
Генералната оценка на ЕК е дека во областа на транспортот државава е умерено подготвена, а постигнат е ограничен напредок, особено во врска со поврзувањето.
Според ЕК, долги години за транспортниот сектор нема административен и оперативен капацитет и особено политичка определба да се исполнат потребните секторски реформи. Нема напредок во завршувањето на клучните реформи во секторот и остануваат препораките од претходните години.
Во наредната година, Северна Македонија треба, особено да работи на зајакнување на оперативниот и административниот капацитет на инспекциските тела и на развивање на капацитетот за спроведување за намалување на жртвите во патната и железничката инфраструктура. Воедно, на спроведување на мерките за реформа за поврзување за реформа на железницата и отворање на пазарот за железнички транспорт. Исто така, и на воспоставување национален систем за континуирано собирање податоци за сообраќајни несреќи и финализирање на договори/протоколи за граничен премин. Европската администрација упатува и дека треба да се усвои законодавство за интелигентни транспортни системи (ИТС) и комбиниран транспорт, како и да се направат дополнителни напори за изработка на стратешка рамка за имплементација на ИТС и основните мрежи.
Како што се наведува во Извештајот, во делот на општото транспортно законодавство веќе се воспоставени клучните стратешки документи за транспорт и неговите потсектори, а ограничен напредок се нотира во подготовката на акцискиот план на Националната стратегија за транспорт 2018-2030 година.
– Оперативните и административните капацитети за сите видови транспорт остануваат слаби. Оваа поставеност го попречува правилното спроведување на Зелената агенда за Западен Балкан во областа на транспортот. Законот за истрага за воздушни и железнички несреќи не е целосно имплементиран, независното тело за истрага на железнички несреќи не е формирано. Потребни се повеќе напори за спроведување на законодавството на ЕУ за правата на патниците за сите видови транспорт и целосно транспонирање на Директивата за интелигентен транспортен систем (ИТС) и воведување на релевантните национални закони. Стратегијата за ИТС со придружни ресурси се уште недостасува, се додава во документот.
Правната рамка за патниот транспорт во голема мера е усогласена со правото на ЕУ.
– Сепак, законодавството не е во чекор со промените во правото на ЕУ. Законодавството за опасни материи е усогласено со правото на ЕУ, но не е постигнат напредок во проценката на сообразност на постојната опрема за транспорт на опасни материи. Напредок е постигнат кон формирање извршно тело за безбедност во сообраќајот на патиштата. Потребни се повеќе напори за усогласување со правото на социјална заштита и безбедност, се наведува во извештајот.