Ќе се градат луксузни ски центри на Јабланица, Бушова планина и на Караџица

- Advertisement -

Во Македонија ќе се градат три нови луксузни ски – центри по сите светски стандарди и тоа на Јабланица, кај Струга и Вевчани, на Бушова планина, кај Крушево и Македонски Брод и на Караџица, кај Сопиште и Студеничани, информираше денеска на прес – конференција в.д. директорот на Агенцијата за странски инвестиции и промоција на извозот Дејан Павлески, заедно со Даниеле Костантини, консултант, експерт од Италија.

Целта на овој проект, истакна Павлески, е да го стимулира и да даде силен импулс за развој на домашниот туризам и економија. Идејата е новите туристички центри да се користат од страна на посетителите во текот на целата година и летниот и зимскиот период.

- Advertisement -

– Прелиминарните процени се дека овој проект би чинел помеѓу 700 и 800 милиони евра, а опфаќа изградба на три нови туристички села, на овие три локации, кои би содржеле вкупно 16 луксузни хотели со четири и пет ѕвезди, ресторани и околу 130 планински куќи со капацитет од над пет илјади легла, појасни Павлески, нагласувајќи дека особено ќе се води грижа за заштита и унапредување на животната средина.

Додаде дека ќе бидат изградени и жичарници, ски лифтови и над 180 километри алпски скијачки патеки, како и велосипедски и авантуристички патеки.

- Advertisement -

Павлески, одговарајќи на новинарско прашање потенцира дека ќе се најдат соодветни инвеститори затоа што се работи, како што рече, за огромни инвестиции и изрази уверување дека може брзо да се реализираат со оглед на тоа дека постојат во светот доста заинтересирани инвеститори и фондови, што имаат средства и само треба да им се понуди нешто вистинско. Смета дека би можело за две години од почетокот на реализацијата на проектот да се завршат, но сепак, наведе, тоа би зависело од инвеститорот.

Промовирајќи го овој нов ексклузивен проект, Павлески нагласи дека тоа се локации кои имаат одлични природни предиспозиции и соодветна инфраструктура. Развојот на овој проект, потенцира, ќе ја промовира нашата земја како врвна ски – дестинација со конкурентни цени на скијачкиот пазар, во споредба со регионот и меѓународните конкуренти.

- Advertisement -

– Доминантната изложеност на исток на ски патеката, присуство на вода и на езера на голема надморска височина, на снежна покривка помеѓу 1200 и 2200 метри во текот на близу 140 денови во годината, како и лесната пристапност до самите локации, како и двата меѓународни аеродроми во непосредна близина се огромна предност и тешко се наоѓаат заедно на едно место во повеќето актуелни туристички места, изјави в.д. директорот на Агенцијата.

Најави дека Агенцијата активно ќе работи на промоција на овие проекти, со цел во најскоро време да можат да бидат реализирани. Во наредните неколку месеци ќе бидат презентирани и на светскиот настан ЕКСПО 2020 во Дубаи, а веќе се остварени прелиминарни контакти, кои набрзо ќе резултираат со директни презентации со потенцијални инвеститори.

Сподели!
- Advertisement -