Стартап Македонија и над 60 партнер организации ја организираат од 8-14 ноември Глобалната Недела на Претприемништвото која брои 42 настани кои ќе бидат организирани онлајн, со физичко присуство и во облик на хибриден модел и тоа во Скопје, Тетово, Гостивар, Дебар, Охрид, Битола, Велес, Штип, Крива Паланка и Виница. Сите овие настани ќе се приклучат на над 200 локации низ светот кои со поддршка на Глобалната Мрежа на Претприемништвото ќе дадат јасна порака за значењето на претприемништвото во глобалната економија.
„Глобалната Недела на Претприемништвото е иницијатива која паралелно во моментов ја празнуваат над 180 земји ширум светот, каде над 20.000 партнери организираат околу 40.000 настани, кои пак обединуваат над 10 милиони луѓе. Македонија, каде годинава се обединија 60-тина партнери од академскиот, граѓанскиот, јавниот и приватниот сектор кои поддржаа или организираа 40-ина настани посветени на претприемништвото, вмрежувањето и градењето партнерства за идни проекти и бизниси. Верувам дека ваквите иницијативи помагаат и за дополнителна промоција на македонскиот екосистем и не позиционираат во групата на најразвиени екосистеми во регионални и светски рамки.„ – Симона Чаминска, Национален Координатор на Глобалната Мрежа на Претприемништвото во С. Македонија.
Ова утро следбениците на Facebook профилот на Глобалната недела на претприемништво и Стартап Македонија имаа можност да го испијат своето утринско кафе следејќи го официјалното отварање на Глобалната недела и поздравните говори на амбасадорите на Соединетите Американски Држави и на Швајцарија – долгогодишни поддржувачи на оваа иницијатива преку своите прoграми за развој, директорот Коста Петров, националниот координатор на ГНП, Симона Чаминска и претседателот на Стартап Македонија, Игор Маџов.
“Отпорноста и адаптацијата на приватниот сектор се уште позначителни сега, во сегашниот глобален, регионален и национален контекст, отколку во минатото. Кризата со Ковид-19, покрај глобалното затоплување, ни покажа дека брзото прилагодување на промените е предуслов за опстанок и дека само иновативни и флексибилни претприемачи можат да напредуваат и да придонесат за просперитетна економија.” – изјави амбасадорката на Швајцарија во Северна Македонија, Н.Е г-ѓа Вероник Улман.
“Ќе продолжиме да соработуваме за да го поттикнеме младинското претприемништво, да промовираме бизниси во сопственост на жени, да ја поттикнуваме регионалната економска интеграција и поврзувањето со западните пазари како и да го зголемиме економскиот просперитет за сите граѓани на оваа земја”, изјави амбасадорката на САД во Северна Македонија, Н.Е. г-ѓа Кејт Мари Брнз.
„Претприемачите се клучни актери за одржување на економијата, заедно со иновациите, посветеноста и развивањето на услугите и продуктите кои ги нудат. Но успехот на претприемачите не е само нивен личен успех туку успех и за економијата во секоја држава. Речиси 700 ФИТР поддржани проекти, односно компании, се нашиот главен двигател да воведуваме нови програми и иницијативи со кои ќе се охрабрат и ќе добијат шанса сите оние кои сакаат да ја започнат својата бизнис приказна.“ – изјави Коста Петров, директор на Фондот за иновации и технолошки развој.
Темите кои ќе бидат обработени во рамки на неделата се однесуваат на поттикнување на претприемачките вештини, претприемачко образование, пристап до финансии, улогата на социјалните претпријатија, женско претприемништво и многу други. Воедно, оваа недела има за цел и да ги прослави успесите на претприемачите, па така секој ден завршува со сесија именувана како „Пијалок со претприемач„, каде успешни претприемачи ќе ги споделат своите бизнис приказни, ќе разговараат за нивните предизвици, успеси и мотивација.
Со оглед на популарноста на темата и промените кои ковид-19 пандемијата ги донесе во рамки на работењето на разни видови професии, Стартап Македонија во соработка со Македонски Телеком АД Скопје и ИМЕ- Програмата за зголемување на пазарна вработливост, организираат настан под името „Future of Work”, каде во рамки на три панели ќе се обратат претставници на Академијата – Универзитети, Неформални Академии и тренинг центри и приватниот сектор, со препораки затоа како да се изградат капацитети за претприемачи во Северна Македонија.
„Како заедница активно работиме на подршка на претприемачите кои сонуваат иновираат и не се откажуваат. Отаму тие се Хероите на ова време кои не подлегнуваат пред предизвиците и ја заслужуваат целата подршка од Корпорациите, Академијата, Граѓанскиот и НВО секторот, инвеститорите и Државата. Доволно зборуваме за иселување на умови и негативности во оваа Недела на Претприемништво ќе дискутираме што и кој постои за подшка во земјава со кој ќе оставиме реален белег врз европската сцена.“ – изјави Игор Маџов претседател на Стартап Македонија.
Дел од настаните во рамките на Глобалната недела на претприемништво од 8ми до 14ти ноември ќе се одржат во живо, а дел online. Поголемиот дел на настани ќе бидат пренесувани online на Facebook профилот на Глобалната Недела на Претприемништвото и Стартап Македонија. Проверете ја агендата на овогодинешната Глобална недела на претприемништвото и ставете го во вашиот календар настанот кој ќе го посетите.