Последната инвестиција на X Faktor Акцелераторот од 100.000 евра е во македонскиот стартап „Brummel. Оваа компанија го направи првото сако наменето за мотоциклисти во светот и за оваа иновација доби инвестиција од 100.000 евра од X Factor Акцелераторот.
Компанијата е основана од страна на Нино Карас и Нина Левиќ, и има свои претставништва во Скопје и Њу Џерси, Америка. Визијата им е да направат опрема за мотоциклисти која ќе пружи максимална сигурност и заштита на возачот, а во исто време и елегантен изглед.
Разговараше – Верица Јорданова
Koj e „Brummel”? Кои се Нино Карас и Нина Левиќ?
Brummell е компанијата позади првото сако во светот наменето за мотоциклисти. Ние сме тим чија пасија се две работи: мотоцикли и мода. Цврсто веруваме дека можеме да ги поврземе овие два света кои навидум немаат ништо заедничко, така што мотоциклистите веќе никогаш нема да бираат меѓу изглед и соодветна заштита.
Нино е искусен претприемач кој досега има лансирано неколку IT компании и вооедно страствен мотоциклиста. Нина е правник со пасија за дигитален маркетинг и е креатор на @CafeRacerRide, една од најголемите мото заедници на Instagram која во моментов ја следат над 193.000 луѓе.
Инвестицијата се однесува на иновацијата – првото сако наменето за мотоциклисти во светот. Кажете ни повеќе за ова – од кога се развива производот? Со кој го развивавте овој производ? Во што се состои иновацијата и функционалностите на ова сако?
Идејата за првото моторџиско сако се појави пред 2 години, и оттогаш имаме направено многу итерации и прототипи со цел тестирање и утврдување на карактеристиките на нашиот финален производ – Brummell сакото. Оваа високо иновативна заштитна опрема го задоволува и деловниот изглед и заштитата, истовремено обезбедувајќи целосна удобност при возењето. Целата иновација е развиена интерно од тимот на Brummell.
Сакото е изработено со премиум швајцарски заштитен материјал schoeller®-keprotec, кој содржи DuPont TM Kevlar® арамидни влакна. Тоа значи дека при незгода и лизгање на асфалт нема да се искине со цел да се заштити кожата на мотоциклистот. Уште повеќе, инкорпорирани се штитници со највисоко ниво на заштита за рамена, лакти и грб, заштитувајќи го возачот од фрактури и несакани повреди. Сакото има посебни фалти на рамената за максимална удобност при возење на различни типови на мотоцикли, а сите материјали содржат еластин за дополнителна удобност. Инкорпоран е и посебен систем за вентилација со цел одржување на пријатна температура при возење. Понатаму, има посебен безбедносен систем за закопчување како и околувратник кој го штити градниот кош на возачот со цел да го заштити од хипотермија.
Во која фаза од развој е иновацијата и дали веќе истата е во употреба?
Првата лимитирана серија на Brummell моторџиското сако е веќе испорачана и од понеделник ќе се вози во над 20 различни локации во светот.
За што ќе се искористи инвестицијата од X Faktor Акцелераторот?
Инвестицијата на Х Фактор Акцелераторот ќе се искористи за понатамошен развој на компанијата, и воведување на нови производи на пазарот како дел од понудата за првата елегантна заштитна мото опрема.

Кои се вашите идни планови?
Овој месец Brummell сакото ќе има светска промоција на EICMA 2021 – најголемиот мото саем во светот кој ќе се одржи од 23-28 ноевмри во Милано, Италија.
Нашите планови се да креираме опрема за мотоциклисти која ќе пружа максимална сигурност и заштита на возачот, а во исто време и елегантен изглед. Brummell сакото е нашиот прв производ, а од следната година ќе воведеме и нови производи во понудата како женско сако, панталони, одела итн.

Компанијата е основана од страна на и веќе има свои претставништва во Скопје и Њу Џерси? Што конкретно работите на овие пазари?
Brummell сакото се пласира глобално на светскиот пазар независно од локациите на нашите претставништва. Brummell претставништвото во Америка се грижи за продажба и маркетинг на продуктот, додека претставништвото во нашата држава се грижи со производство и логистика.