СКЕЕОР 2021: ЗОШТО ТРЕБА ДА КАЖЕМЕ “ДА“ ЗА ЕНЕРГЕТСКИ ЕФИКАСНИ УРЕДИ И РЕШЕНИЈА?

- Advertisement -

Зголемената потрошувачка на фосилни горива ја наметнува потребата од решенија за намалувањето на енергетските загуби. Сѐ почесто сме сведоци на уреди означени со ознаки “А++“ или “А+++“ како знак на степенот на нивната енергетска ефикасност, но што всушност значи овој термин? Под поимот енергетска ефикасност се подразбира користење на помалку енергија за извршување на иста работа, односно намалување на енергетските загуби.

На пример, енергетски ефикасните ЛЕД светилки можат да произведат иста количина на светлина како и светилките со вжарено влакно, со користење на 75% до 80% помалку електрична енергија.

- Advertisement -

Производството на електрична енергија вообичаено создава загадување и емисија на штетни гасови кои предизвикуваат ефект на стаклена градина. Подобрувањето на енергетската ефикасност на одредени технологии има потенцијал значително да ја намали потрошувачката на енергија и соодветно, да ги намали емисиите на гасови кои произлегуваат при производство на електрична енергија. Како бенефит од енергетската ефикасност се јавува заштедата на енергија, на финансиски средства и намалувањето на загадувачките гасови во атмосферата. Употребата на енергетски ефикасни решенија е најевтиниот, најчестиот и најбрзиот начин за да се намали употребата на фосилни горива.

Постојат голем број на можности за подобрување на енергетската ефикасност во секој сектор, а инвестирањето во енергетска ефикасност често се опишува како “добитна комбинација“ за сите инволвирани страни. Со намалување на количината на потрошена енергија, мерките за ефикасност можат да ја намалат енергетската потрошувачка и влијанијата од употребата на енергија, воедно заштедувајќи ги финансиите на корисниците. Енергетски ефикасните уреди може да чинат повеќе кога се купуваат, но тие често долгорочно генерираат нето-заштеда за потрошувачите на енергија.

- Advertisement -

Највообичаени и најчесто применети енергетски ефикасни мерки и решенија се: примена на топлинска изолација; инсталација на прозорци со висока топлинска отпорност; употреба на осветлување кое троши малку електрична енергија; употреба на домаќински апарати и друга техника со висока енергетска класа; примена на системи за загревање и разладување кои разумно ја трошат и распоредуваат расположливата енергија; употреба на енергетски менаџмент и однесување од страна на деловните субјекти; користење на обновливи енергетски извори.

Како пример, еден несоодветно изолиран ѕид може да ги зголеми топлинските загуби дури до 15%. Примената на најдобра можна и расположлива изолација е секогаш најдобра опција. Половина од енергијата која се користи за затоплување или разладување на станбен простор без соодветна изолација, едноставно се губи, а со тоа и непотребно се одлеваат финансиски средства од буџетот на корисникот.

- Advertisement -

Во интерес на заштеда на енергија, зачувување на животната средина, но и намалување на трошоците, Студентската конференција за Енергетска Ефикасност и Одржлив Развој – СКЕЕОР 2021 редовно е фокусирана кон истражување на областа на енергетската ефикасност. Во рамки на деветтото издание на конференцијата, кое ќе се одржи во период од 13.12.2021 до 16.12.2021, присутните ќе имаат можност да го слушнат пленарното предавање од страна на претставник на Европската Младинска Енергетска Мрежа (Europian Youth Energy Network – EYEN) кој, како дел од темата “Улогата на младите во енергетската транзиција“, со присутните ќе дискутира за активностите на младите во областа на енергетската ефикасност, нивните заложби и како младите може дополнително да придонесат во оваа област. Дополнително, учесниците ќе може да ги презентираат своите трудови и да развијат дискусија за оваа област и да ги увидат новостите од оваа тематика.

За сите дополнителни информации поврзани со овогодинешното издание на СКЕЕОР, заинтересираните може да ја посетат официјалната веб страна: www.skeeor.feit.ukim.edu.mk.

Сподели!
- Advertisement -