Дигитализацијата и забрзаниот економски раст во фокус на годинешниот Самит на Македонија2025

- Advertisement -

Десетто јубилејно издание на Самитот на организацијата Македонија2025 ќе се одржи задутре во Скопје, а централна тема ќе биде дигитализацијата. Ќе се одржи во хибридна форма, а предвидени се преку пет панели и едно главно интервју,  при што ќе може да се слушнат 28 говорници.

-На Самитот ќе се презентираат најновите достигнувања, трендови, знаења и вештини во областа на дигитализација, циркуларната економија, успешни регионални бизниси од областа на технологија и ИКТ секторот, а ќе се зборува и за жешките економски прашања – инфлацијата, растот на економиите, енергетска криза и други, велат од Македонија 2025.

- Advertisement -

Дел од говорниците ќе бидат: Марсело Клауре, главен извршен директор на SoftBank Group International кој ќе има интервју со Мајк Зафировски; Рејчел Галовеј, амбасадорка на Обединетото Кралство во Македонија, Изабела Венг, автор и социјален претприемач за дигитална трансформација; Виле Корпела, футурист и соработник на академијата Dubai Future Academy; Василис Монастириотис, вонреден професор по политичка економија на Европскиот институт и директор за истражување на LSE за Југоисточна Европа и многу други.

Самитот, според најавата, ќе го отвори претседателот Стево Пендаровски, а ќе се обратат и вицепремиерот за економски прашања, Фатмир Битиќи, министерот за животна средина и просторно планирање, Насер Нуредини и директорот на Фондот за иновации и технолошки развој (ФИТР), Коста Петров.

- Advertisement -

-Покрај останатите активности и програми што ги реализираме во континуитет, особено сме горди на нашата годишна конференција, односно Самит која годинава се организира по десетти пат. Се работи за навистина уникатна деловна конференција со регионален карактер што е организирана од страна на една невладина организација. Во овие 10 години, на самитот сме имале над 3000 посетители, 520 говорници од 80 земји во светот, врвни менаџери и сопственици на бизниси, реформатори, претставници на тинк-тенк организации, од академската заедница, дипломатски претставници и т.н. Секако сево ова сме го постигнале со поддршка на своите партнери и поддржувачи, објаснува главната извршна директорка на Македонија2025, Никица Мојсовска Блажевски.

Од Македонија2025 порачуваат дека дигитализацијата и дигиталните вештини се основа на напредокот на модерните општества. Секоја земја што има за цел да биде главен играч во глобалната економија или се стреми да ги достигне водечките земји, мора да се фокусира на дигитализацијата. Фокусот кон дигитализацијата на годинешниот Самит, појаснуваат, секако е поврзана со желбата за брз напредок на Македонија во сферата на дигитализацијата, но е и логично продолжение на активностите на организацијата Македонија2025 во таа насока. Во 2021 година, Македонија2025, заедно со Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ) основаа работен тим составен од над 20 члена кои ќе работат на Дигитална Иницијатива МК2025. Во работниот тим членуваат претставници на четири стопански комори, три политички партии од власта и опозиција, министерот за информатичко општество Јетон Шаќири, претставник од кабинетот на вицепремиерот Фатмир Битиќи, како и членови од неколку дипломатски претставништва и невладини организации.

Сподели!
- Advertisement -