Машини и дополнителна опрема за четири македонски компании преку проект финансиран од ФИТР во координација со Стопанската комора

- Advertisement -

Компаниите „ТМ“ Штип, „Агро-Бар“ Виница, „Братство Инокс“ Охрид и „Раде Кончар ТЕП“ Скопје, обезбедија 23 машини и дополнителна опрема преку проектот „Зголемување на извозната конкурентност на металопреработувачкиот сектор, електро и машинскиот сектор преку подобрување на производните и технолошките способности на извозно ориентираните МСП“, финансиран со грант од Фондот за иновации и технолошки развој (ФИТР) во вредност од половина милион евра со поддршка на Светска банка, а координиран од страна на Стопанската комора.

Главната цел на проектот, реализиран во изминатите две и пол години, беше зголемување на технолошките капацитети и продуктивноста на четирите компании, намалување на трошоците и раст на нивната извозна конкурентност преку набавка и инсталирање на новите машини и опрема. Неговиот вкупен буџет изнесуваше 1.088.536 евра од кои 40 отсто беа неповратна помош од ФИТР, додека останатите средства се ко-финансирање од страна на компаниите.

- Advertisement -

„Дополнителна придобивка за фирмите е што имаа можност за поврат на ДДВ, кој се плаќаше при набавка на самите машини, што значи дека неповратниот грант за компаниите изнесува околу 50 отсто“, истакнаа од Стопанската комора на денешната прес-конференција на која со промоција на придобивките официјално беше затворен проектот.

Комората, како што посочија,  имаше клучна улога во спроведување на целиот проект што се спроведе во две фази. Најпрво преку претходно утврдени објективни критериуми од страна на Комората беа селектирани компаниите од металната, машинската и електро индустријата како потенцијални корисници во рамките на проектот. Следен чекор беше изработка на детална проектна апликација презентирана и успешно оценета пред Комитетот на Фондот за иновации и технолошки развој.

- Advertisement -

„Во рамките на првата фаза, Стопанската комора заедно со експертски тим на МИБА како главен партнер во проектот, работеше на спроведување дијагностики за селектираните компании и подготовка на планови за подобрување за секоја компанија одделно. Резултатите од дијагностиката и препораките во планот за подобрување беа успешно оценети од страна на Комитетот на ФИТР со што проектот продолжи со имплементација на фаза 2. Во рамките на фаза 2 од проектот, стручниот тим на Комората работеше на дизајнирање механизам за спроведување на тендерски постапки за набавка на машините како дел од планот за подобрување на секоја компанија и дефинирање на начинот на реализација на плаќањата согласно претходно утврдени јасни правила и постапки дефинирани во рамките на договорите со компаниите и набавувачите на машините“, прецизираат од Стопанската комора.

Комората, додаваат, беше одговорна и за дефинирање на договорите за набавка на машините и опремата, како и за целосно спроведување на тие договори преку плаќање на договорениот износ за секоја машина и опрема, и нејзино обезбедување во процесот на набавка и инсталирање во самите компании.

- Advertisement -

„За дел од набавените машини согласно договорите за набавка беа организирани обуки од самите производители за начинот на користење и управување со самите машини. Но, со набавката не заврши задачата на тимот од Комората. Дополнително, беа изработени стратегии за извоз за да им помогнат на компаниите да ги зголемат своите извозни активности преку градење на пазарна мрежа со трговски партнери на странски пазари“, потенцираа од Стопанската комора.

Раде Кончар ТЕП е водечка компанија во металопреработувачката и електро-индустрија како во земјава така и во останатите балкански земји. Претставува дел од брендот „Раде Кончар“ што егзистира повеќе од 70 години. Има 75 вработени од кои 35 машински и електо инженери.

Компанијата АГРО-БАР ДОО Виница, чија основна дејност е производство на земјоделска приклучна механизација, контејнери, челични конструкции, метална галантерија, огради, резервни делови и делови по нарачка е формирана 1971 година. Вработува околу 80 стручни лица кои учествуват во сите процеси на работењето на компанијата.

Компанијата БРАТСТВО ИНОКС ДОО Охрид е компанија со долга традиција во производството на висококвалитетни нерѓосувачки производи и други асортимани на производи во металопреработувачката индустрија. Фабриката Братство и брендот со истото име постојат од 1949 година како фабрика за производство на садови. Има преку 200 вработени.

ДПУТ ТМ ДОО Штип е основана во 2003 година со основната дејност изведба, надзор и монтажа на електроенергетска опрема и објекти од низок и среден напон. Во компанијата работат 48 вработени. 

(МИА)

(фото: Maxpixel)

Сподели!
- Advertisement -