До крајот на годината, во рамките на проектот GREENOVET, ќе биде отворен регионален Центар за стручно образование и обука за зелени иновации што ќе биде единствен од ваков вид во регионот, а кој се формира со тесна соработка меѓу бизнис секторот, истражувачите од универзитетските институции и центри, како и стручните училиштата. Паралелно со центарот во Скопје се отвораат и центри во регионите: Штаерска – Австрија, Васа – Финска и во Лерија – Португалија, информираат од Сојузот на стопански комори на Македонија.
Партнерите во проектот ја одржаa втората работилница на која се дискутираше за стратегијата за идниот регионален центар за стручно образование и обука. Проектот Greenovet – European VET Excellence Platform for Green Innovation во чии рамки се формираат овие центри, обединува партнери од четири држави во областа на стручното образование и обука на различни нивоа, локалните претпријатија, секторските здруженија, локалните власти, невладиниот сектор. Проектот ќе го поттикне развојот на стручното образование и обука во областа на зелените иновации низ Европа, со што ќе придонесе за развој на иновативна, инклузивна и одржлива економија.
Во нашата земја носители на проектот се Машински факултет при Универзитот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, заедно со Сојуз на стопански комори, АСУЦ „Боро Петрушевски, Раде Кончар ТЕП и Националниот центар за развој на иновации и претприемачко учење.
-Четирите центри ќе бидат формирани во исто време до крајот на оваа година. Иако овие центри имаат иста цел сепак ќе се имаат посебни стратегии за функционирање бидејќи секоја држава има свои специфики. Но, во секој случај предност на оваа соработка е тоа што имаме интересни и добри искуства кои може да ги размениме со партнерите од другите држави, истакна доц. д-р Трајче Велковски од Машинскиот факултет.
Во истражувањето кое беше направено на почетокот на 2021 година во рамките на проектот се детектираат компетенции кои се потребни за развој на зелените иновации. Во групата на најрелеватни вештини кои треба да се развиваат за развој на зелени иновации се дигитални вештини, претприемачки вештини и циркуларна економија, заштита на околината, етичко однесување, превземање на иницијативи, критичко размислување, економска писменост.
Со стратегијата за центрите ќе треба да се воспостави систем за надминување на најголемиот предизвик кој сега постои, а тоа е воспоставување на линк меѓу индустријата и образовните институции.
Недостигот на стручен и квалификуван кадар е голем предизвик со кој се соочува бизнис секторот, не само кај нас туку и пошироко во Европа, бидејќи стручните училишта не се доволно атрактивни за привлекување на поголем број на ученици, и бараат поддршка во следењето на брзорастечките потреби на бизнисите кои динамично се менуваат и прошируваат. Потресот кој го наметна здравствено-економската криза предизвикана од појава и ширење на вирусот Ковид-19 наметна уште поголема потреба за брза адаптација, согласно нови потреби и барања на индустриски и пазарни трендови, а потребата од заштита на животната средина се наметнува како неопходен сегмент кој ќе овозможи раст, развој и одржливост.
Регионалниот Центар за извонредност во стручно образование и обука за зелени иновации ќе нуди различни услуги за различни целни групи од регионот, како: високообразовни институции, понудувачи на стручно образование и обука, индустрии/компании, јавни власти, студенти.лв/