Семејството на Мишела Переска почна да произведува ексклузивно масло од лешници, вистинско злато во светот на здравата исхрана и козметиката!

- Advertisement -

Малкумина знаат дека од лешник може да се произведе масло, можеби зошто кога прво ќе помислите на лешник…тоа е плод кој делува суво и реално е да се помисли дека во него нема масло.

Но, Французите и Италијаните се луди за ова масло, еве извесно време и го употребуваат и во кулинарство и во козметиката. Маслото од лешник е масло со интензивна златна жолта боја и раскошен вкус. Најголеми производители на ова скапоцено масло најверојатно ќе бидат органски фарми на лешник од Турција и САД велат истражувањата.

- Advertisement -

Но, во селото Ложани, покрај Струга, семејството на Мишела Переска, започна да произведува масло од сопствените насади на лешник и од старт ги освојува избраните купувачи во Македонија и странство, кои претпочитаат врвно масло за гурмански специјалитетити, здрав избор на нерафинирано масло богато со Омега 3-6-9 која е добитна комбинација за здравје. А за козметичките примени на ова масло се пишуваат цели студии.

Новинарка – Љубица Ангелкова

- Advertisement -

Мишела, кога и како вие започнавте со производство. Како добивте идеја за производство на масло од лешници?

Со производство започнавме пред 5 месеци. Сѐ започна сосема случајно кога се запознавме со здравствените придобивки на овој производ и искрено не толку сложената постапка за производство. Па си рековме зошто и ние да не започнеме да го произведуваме од нашите лешници. Звучеше доволно предизвикувачки за почеток!

- Advertisement -

Во светот САД, Франција, Италија и Турција се лидери во производство на масло од лешник. Од каде вие црпевте искуства? Кој ви беше ментор?

Класична обука, односно трансфер на знаење немавме. Ја порачавме машината за масло, ги следевме инструкциите и тоа беше тоа. Бевме во исчекување и со огромно нетрпение да видиме што ќе излезе и во што сме ги вложиле парите. Од првите капки масло бевме воодушевени. Од вкус до интензитет, арома и слатките ноти на лешникот и искрено не зажаливме. Си рековме продолжуваме тоа е тоа, ќе го правиме барем за почеток за наша душа и блискиот круг на пријатели. Но, информацијата  за маслото  брзо се рашири, се зголеми побарувачката и така паралелно го зголемуваме и производство. Во последниот период, добивме поддршка од Slow Food Македонија и преку нив добиваме и мрежа на контакти, но и настани на кои можеме да се презентираме.

Примената е широка, од исхрана до козметика. Но, што кажува науката?

Да, навистина примената е широка првенствено од здравствена гледна точка. Маслото од лешник е богато со витамини, минерали и омeга 3 и омега 9 масни киселини. Специфична состојка е Алфа токоферолот од витаминот Е, кој во козметиката може да се користи за превенција на брчки и егзема и слични состојби на кожата.

Дали е ова единствен продукт кој го правите?

Да, ова е единствениот продукт кој го правиме, а секундарно од него ни излегуваат чипсот од лешник и густиот слој од наталожениот лешник кој што во комбинација со слатки работи е предобар.

Дали имате ваши насади или набавувале лешници?

Насадите се наши и од нив си го произведуваме маслото.

Колкава количина на годишно ниво произведувате и кои се вашите клиенти?

За производство на годишно ниво, сѐ уште не можам да ви кажам детали, бидејќи не сме ни на половина година откако започнавме. Груба пресметка треба да стигнеме до 500 литри. До сега имаме произведено околу 150 тина литри.

Купувачи најчесто ни се луѓе кои што се гурмани, луѓе што внимаваат на здравиот живот на исхрана, но и луѓе со различни заболувања кои ги воочиле неговите придобивки и здравствени подобрувања.

Како да се рашири приказната за маслто од лешник, кои маркетинг алатки ги користите?

Промоции на маслото правам преку инстаграм профилот ladno.cedeno.maslo.od.leshnik и на facebook Ладно цедено масло од лешник.

Читав дека оние кои прават масло, развиваат и погони за правење на брашно од остатоците за примена во пекарство….дали вие размислувате во тој правец?

Да, навистина има такви погони, ние во домашни услови  сме пробале да направиме леб и колачи со остатоците од лешникот, на комбинациите им нема крај. Навистина производите се извонредни и вкусни. Сѐ уште сме на почеток, но во иднина ако би имале можност зошто да не, отворени сме за соработка.

Кажете ни нешто за идните планови?

Планови, да не звучам нескромно и себично, но си посакуваме уште поголема продажба, пласман и успех. Реално нашите цели се исполнети. Започнавме од нешто сосем случајно, па за наша среќа испадна изненадувачки предобро. Па што би можела да посакам повеќе, освен да бидеме уште подобри.

Сподели!
- Advertisement -