Од среда се забранува употребата на пластични кеси во земјава – тие веќе нема да се произведуваат, додека биоразградливите кеси кои се продаваат во маркетите, ќе чинат по 15 денари.
Со ваквиот потег, на кој му претходеа законски измени од септември, треба да се обесхрабрат граѓаните да ги купуваат кесите, кои ја загадуваат околината.
За средствата од продадените пластични кеси, трговците ќе мора да водат евиденција по квартали, а надоместоците ќе треба да ги уплаќаат на посебна сметка на органот за животна средина.
– Дефинитивно ова е момент за да ги смениме нашите навики и се освестиме за тоа колку отпад создаваме – порачуваат од еколошкото здружение „Гоу грин“.
Исто така, од 1 декември се забранува користењето на пластичното пакување за еднократна употреба во угостителските објекти што се наоѓаат во заштитените подрачја во Македонија.