Деспотовски: И компаниите и државата поминаа добро во ТИРЗ во минатите 10 години

- Advertisement -

Во изминатите 10 години и компаниите лоцирани во ТИРЗ и државата поминале добро. Компаниите годишно во однос на приходите растат со 16 проценти, државата генерира средства во Буџетот, а во континуитет растат и платите на работниците, порача директорот на Дирекцијата на ТИРЗ Јован Деспотовски на презентацијата на првичните согледувања од Сеопфатната анализа на ефектите од странските вложувања во технолошко индустриските развојни зони во изминатите 10 години што ја изготви Дирекцијата.

-Продуктивноста на трудот во континуитет расте во изминатите 10 години со значителна стапка од 55 проценти, а индикативно е што во периодот 2010 – 2016 година продуктивноста на трудот расте значително побрзо од платите. Овој тренд е променет и во периодот 2017-2020  година платите растат значително побрзо од продуктивноста на трудот. Ниту едното, ниту другото не е основа за одржливост на економските текови. Затоа, наш приоритет во следниот период ќе биде да продолжиме да го поттикнуваме растот на продуктивноста, но и да видиме забрзан раст на платите, рече Деспотовски и додаде дека двата тренда во одреден временски период треба да се изедначат.

- Advertisement -

Тој најави дека по првичните бројки ќе следат консултации и презентации со академската и деловната заедница и тоа не само со странските инвеститори, туку и со домашните компании со цел да се поттикне дискусија и врз база на бројките во анализата да се изготви целосно нова методологија на поттикнување на инвестициите во рамки на постојната законска регулатива.

-Дел од тоа веќе го пилотираме со новите инвеститори, но сметам дека можеме да одиме чекор понатаму и да изготвиме методологија која ќе биде јасна, прецизна и дефинирана за сите – и за домашните и за странските инвеститори. Доколку се покаже потреба во наредните шест до седум месеци целосно да се промени системот на поттикнување на инвестиции врз база на искуствата кои ги имаме и врз база на позитивните податоци кои ги имаме во делот на странските инвестиции моделот еднакво да го примениме кај домашните компании, рече Деспотовски.

- Advertisement -

Според него, растот на продуктивноста на компаниите во ТИРЗ покажува дека има значителен потенцијал да се коригираат платите и дополнително да растат.

-Наш приоритет и понатаму ќе остане да ја поттикнуваме продуктивноста на трудот пред се преку вложување во нови технологии. Постојано инсистираме дека сакаме да видиме инвеститори со повисока додадена вредност, а тоа значи дека сакаме да видиме инвеститори кои вложуваат во нови технологии, бидејќи новите технологии го поттикнуваат растот на продуктивноста. Компаниите може да користат поддршка од државата до 50 проценти за програмите за развој на вештини. Таа мерка во минатото многу малку е користена и сега подинамично ја комуницираме за компаниите да станат свесни дека постои таа можност и дека државата стои како поддршка за развој на вештините и за поттикнување на продуктивноста, рече Деспотовски.

- Advertisement -

Внимателно ќе го следиме растот на платите, додаде, и нема да дозволам, ниту јас ниту било која од институциите, растот на продуктивноста и добивката и бенефитот од тоа да биде исклучиво на конто на компаниите.

-Тој бенефит мора да се подели еднакво со работниците. Наш приоритет во сите разговори што ги имаме со постојните инвеститори кои прошируваат капацитети и со новите инвеститори е да ги гледаме структурите и на вработените и нивоата на платите кои ги даваат. Не интересираат реалните плати кои им ги даваат на оние со пониско платени работни места и не не интересира колку зема менаџерот. Не се врзуваме со тоа која им е почетната плата, туку која е просечната плата и како ќе се движи во наредните години, дали ќе расте со стапка на инфлација што не е доволно или со засилена динамика што е нешто што може дополнително да го поттикнеме, потенцира Деспотовски и додаде дека веќе не се даваат грантови само за отворање на работни места, туку за поттикнување на дополнителен раст на платите.

Според податоците од анализата, посочи, има стабилен раст на платите и растот е најголем кај најниско платените работни места.

-Лани бруто платата е порасната за 5,5 проценти во споредба со 2019 година, а за годинава верувам дека просечната плата во зоните ќе биде повисока од просечната плата во националната економија. Со новите компании со кои преговараме акцентот покрај другите параметри е ставен и на платите. Од договорите кои ги заклучивме годинава или кои се веќе во фаза на одобрување во Владата, во кои станува збор за некаде околу 3.500 до 4.000 работни места и инвестиции од над 200 милиони евра, почетните плати за неквалификуван работник никаде не се под 20.000 до 21.000 денари во нето износ, рече Деспотовски.

Во анализата се опфатени 32 компании кои во изминатите 10 година имаат вкупен приход од 875,68 милијарди денари, со годишен растат на приходите во просек за 16 проценти и 83 отстотен годишен раст на бројот на вработени. Од нивното работење државата има значителен бенефит. Во компаниите во ТИРЗ моментно работат околу 14.000 вработени со просечна плата во рамките на државниот просек.

Сподели!
- Advertisement -