Македонската компанија „Фармахем“ развива иновативен, 100% природен препарат за чистење на почвите од пестициди

- Advertisement -

Македонската компанија „Фармахем“ разви иновативна технологија за чистење на почвите од пестициди со примена на аеробни микроорганизми. Се работи за потполно природен еколошки препарат кој е екстрахиран од самата почва која се третира. Истовремено, Лабораторијата за животна средина на компанијата акредитираше методи за анализа на присуство на опасниот пестицид линдан, неговите изомери и други органохлорни пестициди во почвите.

Според Јулијана Димзова, раководител на Лабораторијата за животна средина на „Фармахем“, развојот на иновативниот производ е во завршна фаза, а во подготовка е и апликацијата за патентирање во Државниот завод за индустриска сопственост. Препаратот може да се користи на земјоделски површини, дури и кај органското производство, но и за чистење на депонии на индустриски отпад.

 Новинар – Сања Наумовска

- Advertisement -

Г-ѓа Димзова, компанијата Фармахем развива производ и услуга за решавање на проблемoт со загадувањето на почвите, подземните и површински води, воздухот, како и земјоделските производи. Кажете ни подетално за што станува збор?

Во рамки на проектот ,,Микроекоˮ -иновативна технологија со примена на аеробни микроорганизми до помалку пестициди во почвите, кој се реализира со поддршка на ФИТР, се развиваат паралелно иновативен производ и услуга. Се работи за производ од аеробни микроорганизми кој се користи за третман на почви загадени со пестициди и услуга на акредитираната лабораторија на Фармахем за детектирање и кванитификување на присуството на пестициди во самата почва. Третманот на пониските концентрации со потполно природен препарат кој е екстрахиран од самата почва која се третира, сметавме дека е иновативно решение со бизнис потенцијал во нашата држава, но и во регионот, за места за кои постојат податоци дека во минатото се произведувале пестициди. Овој нов патентиран производ ќе може да се примени на други површини кои во минатото, како резултат на прекумерната употребата на пестициди, имаат концентрации во почвата над дозволеното, а кои понатаму преку растенијата кои се одгледуваат на овие површини, се консумираат и наталожуваат во животните и луѓето кои се хранат со нив.

- Advertisement -

За да се квантифицира успешноста на третманот, Лабораторијата за животна средина веќе акредитираше методи за земање на примероци почва и анализа на линдан, неговите изомери и други органохлорни пестициди. Оваа услуга ќе може да се понуди паралелно со производот за третман на почвите, како потврдување на успешноста на третманот врз индустриски опасниот отпад, но и на загадените земјоделски површини.

Колку време се развива решението, дали веќе се применува и кои се резултатите?

- Advertisement -

Развојот на иновативниот производ и услуга започна во декември 2019 година и паралелно се работеше на реализација на двата дела на проектот. Акредитацијата на методи за земање на примероци почва и анализа на 17 органохлорни пестициди, помеѓу кои и хексахлорциклохексан (линдан и неговите изомери), се реализираше на крај на мината година, со успешно поминатата оценка од страна на Институтот за акредитација на С. Македонија. Со тоа Фармахем Лабораторија за животна средина е прва лабораторија во нашата држава која анализира пестициди во почва. Во овој дел веќе имаме и конкретни понуди и реализации на услуга за клиенти.

Активностите со развојот на иновативниот производ се во завршна фаза. Во моментов се работи на in situ проби и анализа на резултатите од примената на неколку видови од препаратот. Лабораториските анализи покажаа одлични резултати, па се очекува ефикасноста на препаратот во природни услови да го следи тој тренд. Во фаза е и подготовката на апликација за патентирање во Државниот завод за индустриска сопственост.

Објаснете ни како функционира препаратот?

Производот е направен од автохтони аеробни микроорганизми изолирани од почвата која се третира и се планира да биде во прашкаста и/или течна форма. Се нанесува со едноставно распрскување на загадената почва, слично како и на останатите земјоделски препарати. Со оглед дека се работи за автохтони микроорганизми, не постои опасност да се загади дополнително екосистемот на почвата која се третира. Воедно, финалните производи на разградувањето на пестицидите после третманот го прават производот еколошки прифатлив. После нанесувањето на препаратот, без дополнителни активности, природните услови во животната средина го овозможуваат дејствувањето на препаратот.

Секако, пред употребата треба да се утврди присуство на пестицидите со земање на примероци, а по третманот и пропишаниот период за дејствување на производот, повторната анализа на почвата ќе ја потврди успешноста на неговото дејствување. Од досегашните резултати за дејството на пробните примероци на терен, се очекува намалување на концентрациите на пестициди за околу 20 % од почетната концентрација.

Кој може да го користи и каде се може да најде примена производот на вашата компанија?

Услугата за детектирање на присуство на пестициди во почва и препаратот за биоремедијација на почвата, може ја користат земјоделците, особено произведувачите на органска храна, како и регистрираните депонии на историски индустриски отпад од пестициди во земјата и регионот. Придобивката за земјоделците ќе биде потврдата дека производите кои ги одгледуваат нема да содржат пестициди и ќе се безбедни за консумација. Воедно, отстранувањето на овие пестициди ќе оневозможи истите да понираат во подземните води и понатаму преку растенијата кои се одгледуваат на овие површини, да се консумираат и наталожуваат во животните и луѓето кои се хранат со нив.

Какви пестициди може да се третираат?

Со препаратот може да се третираат почви за кои има сознанија дека порано биле третирани со органохлорни пестициди, поточно неразградливи органски загадувачи кои се на листата на забранети супстанции според Стокхолмската конвенција за неразградливи органски загадувачи (POPs). Тука пред сѐ станува збор за хексахлорциклохексанот (алфа, бета, гама- линдан и делта изомерите), но и за DDT, DDD, DDE, aldrin, dieldrin, endrin, endosulfan и сл.. Присуството на овие пестициди може да се докаже со анализа на примероци и во нашата лабораторија.

Што е иновативниот момент, што вашиот производ иуслуга ги одвојува од сличните кои постојат на пазарот?

Ремедијацијата на почви преку издвојување на соеви на микроорганизми од самата почва која се третира, за намалување на концентрацијата на пестициди до максимално дозволените концентрации во законската регулатива, е позната во стручната литература, но не е развиена и патентиран таков производ кај нас.

Решенијата што се нудат на пазарот за ремедијација на почвите загадени со пестициди се термичка десорпција, инсинерација и механичко-хемиска дехалогенизација. При апликацијата на истите треба да се запазат строгите барања на правилниците за работа на контаминирани подрачја што дополнително ја зголемува цената на чинење на и онака скапиот процес на ремедијација и не се доволно безбедни за животната средина во околината на површините кои се деконтаминираат.

Биоремедијацијата на почвите загадени со пониски концентрации на пестициди е предложена како метод, но не со производ кој е добиен од автохтони микроорганизми. Нашиот производ е произведен со zero discharge технологија, а и самата природа на производот го прави еколошки и безбеден за аплицирање.

Во Европа има неколку фирми кои би можеле да имаат сличен производ, но не нудат tailor made производ (производ по мерка). Во однос на услугата за анализа на примероците за детерминирање на концентрациите на пестициди во почви, повторно конкуренцијата е од неколку акредитирани лаборатории во соседните држави и пошироко во Европа. Но, самиот процес на земање примероци, транспортот на истите до акредитираната лабораторија во странство, значително ја зголемува цената на чинење на една анализа. Дополнително, праќањето на примероци за анализа надвор од нашата држава е проследено со бројни административни процедури, што дополнително го комплицира процесот на добивање на резултати од анализата, временски и финансиски.

За развојот на производот имате и поддршка од Фондот за иновации и технолошки развој. Кажете ни нешто повеќе за тоа.

„Фармахем“ аплицираше на повикот на ФИТР за Комерцијализација на иновации во 2019 година, а поддршката за развојот на лабораторијата за животна средина беше клучна за пресврт во нејзиното десетгодишно работење. Се набави опрема за работа во нова област – гасна хроматографија, што значи и можност на развој и акредитација на многу други методи за анализи во различни медиуми. Комерцијализацијата на резултатите на овој проект, секако ќе доведе до проширување на обемот на работа, а со тоа и потреба за вработување на нови кадри.

Какви се плановите за пласман на производот, дали планирате да се продава на домашниот пазар или и надвор?

Потенцијалните корисници на производот „Микроеко“ и услугата за анализа на почвата се идентификуваат кај сопствениците на земјоделски обработливи површини, особено регистрираните произведувачи на органска храна во С Македонија и регионот, како и регистрираните депонии на историски индустриски отпад од пестициди во земјава и регионот. Нашата иновација ќе најде употреба кај поголемите домашни производители на органска храна, по што веднаш ќе се атакува на регионалниот Балкански пазар.

Во однос на индустрискиот отпад во ОХИС, државата веќе го решава проблемот со малата депонија. Но, според студиите, има податоци дека контаминацијата е проширена во радиус од 250 метри од депониите во ОХИС и почвата треба да биде подложена на ремедијација. Од усни укажувања на порано вработени во ОХИС, депонирања на пестицидот линдан и неговите изомери биле правени и на други локации во околината, за што треба да се направат дополнителни истражувања и проценка на количините за ремедијација. Сите овие површини би биле подложени на биоремедијација со иновативниот производ, а успешноста на третманот би се докажала со анализи пред и после третманот.

Согласно нашите тековни и планирани активности на пазарот и комерцијализација на резултатите од проектот ,,Микроеко“ очекуваме во следните пет години да бидеме во можност да исплаќаме ројалти кон ФИТР со што би се обезбедиле средства за поддршка на други микро мали и средни претпријатија за развој на нивните иновативни проекти.

Сподели!
- Advertisement -