Цената на становите во Скопје бележи постојан раст од почетокот на годинава. Во третиот квартал годинава, според податоците на Народната банка, недвижностите поскапеле за 5,9 отсто. Во првиот квартал зголемувањето изнесуваше 3,2 отсто, а во вториот 4 отсто. Тоа резултираше квадратен метар станбена површина да достигне 1.500 евра во општини како Центар и Карпош, а според одредени градежници, цената може да стаса и од 2.000 евра. Во услови на голема побарувачка, како што велат, понудата во одредени подрачја е намалена поради мораториумите за градење во изминатите години.
„Вртоглавиот“ раст, како што го квалификуваат носителите на бизнисот со недвижности, се должи на повеќе фактори: немањето доволно локации за градење, блокираните детални урбанистички планови и неносењето нови, порастот на цената на градежните материјали, но и на работната сила, која сè почесто заминува во странство.