Тимот на д-р Лилјана Симјановска разви иновативен инкубатор за ембриони, што ги зголемува шансите за ин витро оплодување

- Advertisement -

Тимот на д-р Лилјана Симјановска, од компанијата Ион Арт, која е долгогодишен ембриолог и научен работник со работно искуство во Истражувачкиот центар за генетско инженерство и биотехнологија на МАНУ и во лаборатории на неколку приватни клиники во земјата, создаде прототип на инкубатор за клеточно култивирање на ембриони со примена на методата Ливиб Кристал.

Се работи за иновативна метода со која се зголемуваат можностите на ин витро фертилизацијата (ИВФ) и се обезбедуваат подобри услови за развиток на ембрионите, отколку кај стандардните инкубатори. Симјановска вели дека со примена на оваа иновативна метода, се добива дополнителна стимулација за самокорекција на ДНК на ембрионите како помош во нивната правилна изградба и развој.

- Advertisement -

Новинар – Сања Наумовска

Д-р Симјановска, кажете ни нешто повеќе за вашиот проект „Инкубатор за клеточно култивирање на ембриони со примена на методата Ливиб Кристал“.

- Advertisement -

Проектот опфаќа конструирање на прототип на СО2 – инкубатор за клеточно култивирање на ембриони со примена на методата Ливиб Кристал. Се работи за иновативен метод развиен во Македонија во 2019 година, а пронајдокот е патентиран во Државниот завод за заштита на индустриската сопственост под број МК/Р/2019/000568.

Инкубаторот ќе послужи за клеточна култивација на ембриони при ин витро фертилизација подобрувајќи го коефициентот на успешност. Основна функција на инкубаторите кои се користат за култивација на ембриони е да обезбедат услови за нивно оптимално развивање, кои опфаќаат одржување на константна температура и одредена концентрација на гасови.

- Advertisement -

Што е специфично и иновативно во методата Ливиб Кристал“?

За да се подобри постапката на ин витро фертилизација отворена е можноста за креирање на инкубатори кои би користеле одредени дополнителни влијанија. Иновативниот метод Ливиб Кристал предвидува поттикнување на процесот на самокорекција преку енергетско делување врз ДНК молекулите со примена на вибрации и кристални материјали. Тоа влијае на ембрионите во развој со цел да се постигне автокорекција на присутните ДНК абнормалности (дефекти) кои можат да бидат претходно утврдени со генетски тестирања. Дејствието на вибрациите е засилено и насочено со примена на погодно избрани кристални материјали.

Која е примената на инкубаторот и како придонесува за подобрување на постапката за ин витро фертилизација?

Идејата за проектот произлезе од мојата секојдневна работа како ембриолог во лабораторијата за ин витро фертилизација. Со цел да се допринесе за поголема успешност на постапката на ИВФ дојдовме до замисла да се делува на развитокот на ембионите на неинвазивен и што повеќе природен начин. Еден од можните начини на делување на развојот на ембрионите е со помош на стимулација преку нискофреквентни бранови во точно определен фреквентен опсег. Ефектот на влијанието на нискофреквентните бранови е познат одамна и бил предмет на истражување на поголем број на научници, но за првпат овде би се применил и истражувал на клеточно ниво.

[pro_ad_display_adzone id=”6499″]

Почнувајќи од 1978 година, кога е родено првото бебе зачнато со помош на методата на ИВФ, до денес се родени повеќе од осум милиони бебиња во светот. Секојдневно се зголемува потребата за решавање на проблемите сврзани со човечката репродукција така што во речиси сите земји  во светот постојат центри за ИВФ. Од досегашната пракса познато е дека успешноста на постапката на ИВФ зависи од квалитетот на расположивиот биолошки материјал, но воедно од големо значење се и условите кои се остваруваат во самата лабораторија и опремата со која се работи. Еден од најважните делови од ИВФ опремата претставува инкубаторот во кој се одгледуваат ембрионите. Инкубаторите кои се во широка употреба се со стандардни карактеристики и за нив постојат бројни производители. Применувајќи ги денешните стандардни ИВФ постапки процентот на успешност не надминува 60 отсто . Ова значи дека на полето на подобрување на успешноста на постапката постојат многу можности  за примена на дополнителни карактеристики на опремата и методите кои се користат.

Инкубаторот којшто го изработуваме ќе претставува опрема која ќе содржи дополнителни карактеристики покрај стандардните и ќе овозможи примена на нова метода во ИВФ практиката. Покрај важноста на производство на прототип на ваквиот инкубатор од истражувачки и практичен аспект, истиот ќе претставува и добар производ за развиток на бизнис преку негово сериско производство и негово користење во светски рамки.

Нашата фирма е формирана токму со цел да се реализира прототипно решение на инкубаторот за клеточна култивација на ембриони. Доколку се оствари првичната цел потенцијалот за раст и развиток на фирмата ќе се зголеми многукратно со вистинска реализација на бизнис.

Кои се бенефитите и разликите од користење на овој инкубатор, во споредба со другите кои постојат на пазарот?

Прототипот на инкубаторот Ливиб Кристал ќе биде понапреден во однос на веќе постоечките кои се користат и се достапни на пазарот. Ќе ги содржи сите добри особини на веќе постоечките инкубатори, а воедно ќе содржи и дополнителни карактеристики кои ќе му дадат поголем квалитет и предност што се должи на примената на методата развиена во Македонија.

Основна функција на инкубаторите кои се користат за култивација на ембриони при  постапката на ИВФ е да обезбедат услови за нивно оптимално развивање. Овие услови опфаќаат одржување на константна температура и одредена концентрација на гасовите, јаглероден диоксид и азот (СО2 и N2). Првиот фактор е одржување на температура од 37 Целзиусови степени, што е еднакво на температурата на човечкото тело. Преку вториот се врши оптимизирање на коефициентот на киселост на хранилиштето – медиумот во кој се развиваат ембрионите (рН). Овие два фактора се придружени со одржување на висока  влажност до заситување на атмосферата.

Нашата иновација е СО2 Инкубатор во кој покрај стандардната опрема за одржување на температурата и pH вредноста на медиумот, е вградена дополнителна опрема според методата Ливиб Кристал. Таа опрема опфаќа електронски уред за генерирање на вибрации во одреден фреквентен и амплитуден опсег и кристали за насочување и зголемување на дејството. Вградената електронска опрема овозможува подесување на нивото на енергија емитирана во амбиентот во кој се наоѓаат ембрионите во развој. Таа енергија се пласира во амбиентот преку нискофреквентни звучни вибрации. За пласманот не е потребен посредник за пренос. Тој е директен бидејќи се работи за простор со релативно мали димензии. Во инкубаторот се применети кристали кои придонесуваат за поефективен пренос на енергијата и нејзино насочено делување кон ембрионите. Со погоден избор на овие материјали и параметрите на емитираната енергија се помага и стимулира самокорекција на ДНК молекулите во текот на развитокот на ембрионите.

[pro_ad_display_adzone id=”12470″]

На овој начин, освен создавање на адекватни услови за развиток на ембрионите, со примена на нашата иновативна метода, се добива дополнителна стимулација за самокорекција на ДНК на ембрионите како помош во нивната правилна изградба и развој.

Кои се вашите планови за понатамошен развој на продуктот?

Од реализираното прототипно решение се очекува да произлезе нов сериски производ кој ќе биде применлив во секоја лабораторија за ИВФ во целиот свет. Планираме, врз основа на овој прототип да се оствари сериско производство на нов модел на СО2 инкубатор и негов широк пласман на светскиот пазар. Oчекуваме ова да биде добар производ развиен и произведен во Македонија, затоа што се работи за мошне софистициран уред со висок степен на додадена вредност.

Нашиот производ ќе содржи иновативни компоненти кои даваат предност пред конкурентските производители кои произведуваат класични СО2 инкубатори. Потенцијални клиенти се повеќе од 1.000 ИВФ лаборатории во Европа, а бројот постојано се зголемува. Се проценува дека во моментов во светот има преку 8.000 ИВФ лаборатории со тенденција на пораст на овој број. Сите тие се потенцијални купувачи на новиот производ. Сметаме дека нашиот прототип ќе допринесе за усовршување на технологиите за хумана репродукција бидејќи се работи за иновативен производ со добар пазарен потенцијал.

Сподели!
- Advertisement -