Во просториите на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство денеска беа доделени првите договори за младите земјоделци, добитници на грант од до 10.000 евра.
На доделувањето присуствуваа заменик – министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Трајан Димковски, заедно со директорот и заменик – директорот на Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој Никица Бачовски и Ремзи Абдилахи.
– Младите ја препознаваат можноста која им ја нуди државата, токму земјоделското производство да им биде примарен извор на егзистенција. На последниот повик за мерката 112 „Помош на млади земјоделци за започнување на земјоделска дејност“, пристигнаа 111 апликации. Од нив 50 апликанти ги исполнија условите и со нив ќе бидат потпишани договори за добивање финансиска поддршка во форма на неповратен грант, со вредност до 10.000 евра по корисник, изјави Димковски.
Средствата се обезбедени од Програмата за финансиска поддршка на руралниот развој и претставуваат иницијална поддршка од државата за младите земјоделци да можат полесно да започнат сопствен бизнис, да создадат нови брендови на пазарот, да инвестираат во нови дејности преку кои ќе ги реализираат своите идеи.
Заменик-министерот додаде дека сите грантови се одобрени врз основа на добри деловни планови кои имаат развојна компонента, го таргетираат домашниот пазар, користат сопствени ресурси и имаат компонента за модерно производство, со примена на добри земјоделски практики и грижа за животната средина.
– Радува податокот што на последниот повик за мерката „Млад земјоделец“, подеднакво бил голем интересот и кај жените и кај мажите кои се на возраст до 40 години. Од 50 апликации дури 22 се одобрени на жени носители на земјоделското стопанство, а 28 се мажи. Тоа се млади кои се регистрирани како индивидуални земјоделци регистрирани согласно законот за вршење на земјоделска дејност и Законот за пензиско и инвалидско осигурување, што значи дека земјоделската дејност им е главен извор за остварување на приходи, изјави Бачовски.
Тој вели дека со реализирање на инвестициите во сите региони на Република Северна Македонија, ќе се отворат нови бизниси и нови работни места.
– Инвестирањето во вистинските, младите земјоделци е стратешки пристап на Владата и надлежните институции, со цел да се развива и модернизира секторот земјоделство. Само со вложување во младите до 40 години може да влијаеме на одливот на млади и на миграцијата село – град, додаде директорот на Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој.
Финансиската поддршка е наменета за млади земјоделци на возраст до 40 години, кои имаат желба и бизнис идеја за започнување земјоделска дејност. Поддршката во форма на неповратен грант до 10.000 евра по корисник е обезбедена од Програмата за финансиска поддршка на руралниот развој, мерка 112 „Помош на млади земјоделци за започнување на земјоделска дејност“.