Макстил со две награди од Македонска берза за работењето и резултатите во 2021 година

- Advertisement -

Компанијата Макстил е добитник на две награди од Македонска берза на годишното наградување на членките и котираните друштва. Едната награда е за „Акција со најголем пораст на цената во 2021 година“ и втората во категорија „Акција со најголем пораст на прометот во 2021 година“. Наградувањето од Македонска берза е со цел да им се даде признание на најпрепознатливите и најактивни учесници и други субјекти кои се директно или индиректно поврзани со македонскиот пазар на хартии од вредност.

Наградите се доделуваат според квантитативни статистички показатели и одредени квалитативни критериуми согласно утврдени процедури за статистичка анализа на остварениот берзански промет во тековната година.

- Advertisement -

„Во изминатата година бевме сведоци на големи глобални турбуленции коишто на почетокот беа двигатели на економскиот раст, на добрите цени, на добрата побарувачка и пред сè на добриот производ што го имаме како компанија. Закрепнувањето на глобална економија неминовно предизвика закрепнување и на челичната индустрија, каде побарувачката за нашиот производ неколкукратно се зголеми. Со самото тоа, цените на пазарите се менуваа во нагорен тренд што за нас донесе одлични резултати во календарската и фискална 2021 година што беше во рамките на планираните таргети. Во текот на оваа година бевме многу активни во делот на инвестициите насочени кон зголемување на производниот капацитет, зголемување на ефикасноста и намалување на трошоците. Инвестиравме и во нашите вработени, така што голем дел од нашите напори беа насочени кон зачувување на здравјето и безбедноста на вработените. Сите овие работи, како целокупно работење на Макстил, верувам дека придонесоа за постигнување на резултатите според кои е валидирана компанијата и за овие две значајни и вредни награди“, истакна Петар Јанески, Извршен член на Одборот на директори и директор на Економика, при доделувањето на наградите.

Во доделувањето на годишните награди учествуваат сите членки на берзата како и котираните друштва кои се дел од македонскиот пазар на хартии од вредност. Наградите се доделуваат во 7 различни категории дефинирани според разни показатели и берзански индикатори.

Сподели!
- Advertisement -