Во Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги пристигнати се над 50 индивидуални приговори во однос на квалитетот на греење од страна на потрошувачи за БЕГ.
Согласно Правилникот за снабдување со топлинска енергија прва инстанца каде потрошувачите треба да поднесат приговор доколку не се задоволни од квалитетот на услугата се снабдувачите, од каде екипи мора да излезат на терен и да спроведат мерење, по што должни се да изготват писмен извештај за фактичката состојба и истиот да го достават до потрошувачот, согласно пропишаните рокови во Правилникот за снабдување.
Доколку потрошувачот не е задоволен од одговорот, односно од писменото известување од снабдувачот за квалитетот на испорачаната топлинска енергија, потрошувачот во втора инстанца може да поднесе приговор до РКЕ. РКЕ има оформено Комисија која работи на решавање на приговорите на потрошувачите.
Поради енергетската криза, РКЕ веднаш ги става во процедура поплаките кои се доставени до комисијата и во прва фаза со ургенција бара од БЕГ да излезе на терен и да изврши мерење на фактичката состојба по што бараме извештај како постапиле во однос на пријавениот проблем – рекламација од страна на потрошувачот.
РКЕ ја информира јавноста дека во порамнителните сметки снабдувачот е должен да ја фактурира само потрошената топлинска енергија, по пропишаниот квалитет на услуга од Правилата за снабдување на ТЕ. Снабдувачот има обврска во текот на грејната сезона да обезбеди минимална температура од 20+1º C во грејните простории во времето од 06:00 до 22:00 часот во текот на денот.