АД ЕСМ ги поздравува мерките кои ги преземаат Владата и Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ) за надминување на кризата со снабдување со електрична енергија и на кризата со снабдување со топлинска енергија.
Согласно Уредбата донесена на вчерашната седница на Владата во врска со кризата настаната во снабдувањето со топлинска енергија и дополнителните одлуки кои ќе следуваат, АД ЕСМ ќе го преземе раководењето со БЕГ до завршувањето на кризата со снабдување со топлинска енергија. Преземањето на управувањето со трите субјекти на БЕГ, (Производство, Дистрибуција и Снабдување) и со топлификација АД Скопје Север се очекува во текот на претстојната недела, откако АД ЕСМ ќе ги добие потребните одлуки и задолженија од страна на Владата, информираат од компанијата.
Од ЕСМ посочуваат дека во меѓувреме потпишале договор со Друштвото за производство на електрична и топлинска енергија ТЕ-ТО АД Скопје. „Со тој договор ТЕ-ТО ќе го зголеми обемот на производство на електрична и на топлинска енергија, односно ќе работи со максимален капацитет, седум дена во неделата наместо пет дена како досега и ќе го исполнува максимално инсталираниот капацитет од 227 мегавати.
Електричната енергија ќе ја презема АД ЕСМ, додека зголеменото количество топлинска енергија кое произлегува од процесот ќе се испорачува кон БЕГ и Скопје Север, односно во топлинската мрежа во градот Скопје“, се објаснува во соопштението.
Греењето во Скопје нема да се исклучува во вечерниот термин до 22 часот како што беше утврдено досега, туку топлинска енергија за корисниците ќе се испорачува до 1 часот по полноќ.
До денот на преземањето на БЕГ од страна на АД ЕСМ, сите трошоци за испораката на греењето во Скопје ќе ги сноси ТЕ-ТО.
Фото – Pxfuel