Угледниот магазин Економист во својот Индекс на демократија за 2021 година ја рангираше Македонија како демократија со недостатоци (flawеd democracy). Нашата земја со години беше оценувана од истиот индекс како хибриден режим. Категријата демократија со недостатоци е веднаш зад целосна демократија (full democracy), каде што најдобри оценки имаат скандинавските земји.
Според извештајот на Економист, три земји го подобриле својот статус од хрибриден режим во демократија со недостатоци. Освен Македонија, тука се и Црна Гора и Молдавија. Во однос на ранг позицијата на листата, во 2020 година бевме на 78. место, а сега имаме скок од неколку места на 73. позиција.
Веста за промената на рангирањето на нашата земја се наоѓа во делот „Добри вести од Источна Европа“. Годинашниот извештај го носи името „ The China Challenge“ и главниот фокус е ставен на тоа како Кина е предизвик за демократијата во светот. Како што пишува Економист, големиот економски раст на Кина ја прави земјата самоуверена дека нивниот систем е подобар од Западот.
Економист го објавува својот извештај Индекс на демократија од 2006 година наваму и вклучува анализа на состојбата на демократијата во 165 земји и неколку територии.
(фото: Flickr)