Бизнис заедницата ја знае важноста на континуираното стекнување на нови знаења и нивно преточување во конкурентна предност. Создавањето квалификувана работна сила е истовремено и највисок државен интерес, затоа што човечкиот капитал е во основа на општествено-економскиот развој. Гледано од оваа перспектива, дијалогот меѓу централната власт, локалните самоуправи и компаниите, што ќе се одвива во следните 20-тина дена, во сите региони во државата, верувам дека ќе резултира со прецизно утврдување на реалните потреби за одредени стручни профили, кои ќе ги отвориме во средните стручни училишта во учебната 2022/2023 година. Ова го рече министерот за образование и наука Јетон Шаќири на денешната средба со претставници на коморите и бизнисот во главниот град.
„Среќен сум што во процесот на обезбедување на квалификуван стручен кадар, баран на пазарот на труд, Министерството за образование и наука не е само, туку има безрезервна поддршка од Швајцарската амбасада, Платформата за јавен-приватен дијалог, во која се артикулирани интересите на четирите најголеми стопански комори, а тука се и компаниите и локалните самоуправи. Заеднички и одговорно го прилагодуваме образованието на современите потреби на пазарот на труд и ја враќаме атрактивноста и вредноста на средното стручно образование“, изјави министерот Шаќири.
Министерот нагласи дека пред почетокот на социјалниот дијалог, на прашалникот за заинтересираноста на компаниите да учествуваат во креирањето на дуалните паралеки за учебната 2022/23 година, одговориле околу 400 од нив, а дури 90% од компаниите изразиле подготвеност да примаат ученици на пракса кај нив.
„На денешнава средба во Скопје ќе ги слушнеме барањата на компаниите за струките што им се потребни и ќе ги утврдиме можностите за нивно воспоставување од идната учебна година во средните стручни училишта. Наша цел е што поголем број компании да се вклучат во дуалното образование кое, низ практична работа ги подготвува средношколците директно да се вклучат во работа во позната работна средина. Освен зголемување на вработливоста на младите, средното стручно образование е проодно и кон високото образование“, укажа министерот.
Ова е втора година МОН да иницира дијалог на локално ниво, насочен кон унапредување на средното стручно образование. Во учебната 2021/22 година бројот на дуални паралелки од 11 се зголеми на 97, со вклучени над 200 компании. Во дуални паралелки се запишаа 1.400 ученици, додека збирно во средно техничко образование се запишаа за 6% повеќе ученици во однос на минатата учебна година. МОН, како дополнителен стимул за учениците запишани во дуалните паралелки во средните училишта, утврди месечна стипендија во висина од 3.500 денари.