Македонец ќе вози со велосипед 2.500 км околу екс-Ју републиките

- Advertisement -

Велосипедската трка ВЕРА ТУР 2022 ја организира Александар Стојков, успешен регионален деловен човек со потекло од Македонија, во чест на неговата почината мајка Вера Стојкова, но и во чест на сите оние што ги загубија животите од ова зло (пандемијата Ковид-19) што не снајде во последните две години, во чест на сите што не се со нас, но и во знак на почит на сите блиски околу нас, на сите родители, деца, семејства, колеги, пријатели.

Идејата за ваков спортски предизвик, сериозен логистички и организациски потфат, дојде во момент кога поради смртта, Александар не беше во можност да ја однесе неговата мајка на местата каде што работи, создава и гради. Сето тоа го мотивираше да осмисли една ваква манифестација во форма на аматерска маратонска тура со велосипед, која ќе ги обедини сите тие места, сите главни градови на овие 6 држави, сите места од неговото детство, сите важни места за семејството, но и за нас како држава, Македонија.

- Advertisement -

Покрај другото, ќе оддадеме почит со официјален пречек на споменикот на Тоше Проески во Нова Градишка, ќе го посетиме и местото на кое загина Претседателот Борис Трајковски со екипажот, ќе ја посетиме и новозавршената Македонска црква во Загреб, а воедно ќе ги посетиме и сите природни убавини на 6-те држави по должина на рутата.

Велосипедската тура почнува од родното место на Вера и на Александар, Свети Николе на 21.03.2022 и ќе се вози низ 5 поранешни Ју-републики (Македонија, Србија, Хрватска, БиХ, Црна Гора) и Албанија, а финишот повторно е во Македонија, на 05.04.2022 година.

- Advertisement -

Целта на оваа велосипедска тура е возобновување на човечките вредности, подзаборавени или изместени во последно време, враќање на соработката, разбирањето и љубовта од секаков вид, кои некогаш ги имаа, а денес помалку ги практикуваат народите кои живеат на овие простори. Да покажеме дека границите може да ограничат еден простор или држава, но не можат да не делат и да не спречат да се почитуваме.

Пораките преку кои сето тоа ќе се реализира, се дека треба малку да се подзамислиме, да забавиме во ова брзо и динамично време, да се посветиме на тие околу нас, да се посветиме на здрав живот, на спорт, на толеранција, да ги почитуваме различностите како дополнителна вредност што не прави побогати, а не истата да не дели. Да покажеме дека за се треба да се има добра идеја, организација, посветеност, упорност и тим, затоа што сам никој не може. Да покажеме дека добрата мисла и енергија, може да го сплотат и да го зближат и она што навидум е неспоиво.

- Advertisement -

Затоа, многу луѓе се препознаа во оваа приказна, затоа се формира еден тим кој ја прими, но кој воедно и ја оддава, ја пренесува, ја шири таа позитивна енергија. Затоа, на сите места се организираат дочек и испраќање, но се организираат и екипи на добронамерници, велосипедисти, мото-бајкери, ентузијасти и други, кои етапно ќе не следат и ќе придонесат за масовност на промотивното издание на ВЕРА ТУР.

Оваа тура ќе биде порака до сите, дека кога нешто се сака, едноставно нема пречки тоа да се оствари, туку треба само да се работи, да се мисли, да се биде посветен и упорен. Да се знае да се формира тим и да се поделат одговорностите и привилегиите. Во текот на турата ги респектираме сите села, градови и држави кои ги минуваме, ги почитуваме различностите, меѓутоа се претставуваме и во форма на тоа што сме, од каде сме и кои сме.

Целата организација на турата е пропратена со специјално дизјнирана опрема за овој настан и тоа официјален дрес, со знамињата на државите низ кои се минува, официјални маици, официјални спортски дуксери за учесниците и за фановите, како и сета потребна професионална опрема што е потребна за организација на една ваква тура.

Турата ќе се вози во вкупно 15 етапи, со околу 170 километри секоја, во 15 дена, со само два дена пауза меѓу етапите, што е подвиг еднаков на големите велосипедски натпреварувања. Единствената разлика меѓу големите трки и оваа тура, е ревијалниот карактер кој го има ВЕРА ТУР во оваа година, меѓутоа работиме и се надеваме, дека од следната година ВЕРА ТУР ќе прерасне во традиционална трка, пред се поради карактерот, меѓутоа и затоа што на овие простори нема таква слична гранд-велосипедска тура.

Се планира оваа тура да прерасне во голема натпреварувачка трка на овие простори, пандан на француската (Тур де Франс), италијанската (Џиро д’Италиа) и шпанската (Вуелта а Еспања) и затоа оваа прво издание е дополнителен предизвик, што идејата е од тука, од Македонија, организацијата е наша и што уште сега сме препознатливи и уникатни по тоа.

Моментот кој и дава дополнителна тежина и значење на ова тура, во 2022-та година, е временскиот период во кој ќе се одржува премиерното издание. Стартот е на 21-ви март, а финишот е на 5-ти април, односно денот на раѓањето и денот кога почина мајката на Александар, Вера. Тоа е период кој бара дополнителен труд и дополнителни подготовки, затоа што временските услови не се баш наклонети кон велосипедизмот. Но, датумите и симболиката едноставно го водат организаторот да ја изведе оваа идеја токму во тој период.

Оваа година, на првото издание, единствен учесник на Вера Тур ќе биде Александар Стојков, кој ќе вози на сите 15 етапи. Тој ќе биде следен од велосипедски експерти во форма на стручен тим, медицински тим и едно возило со најблиските од семејството. На секоја етапа одделно, ќе го следат најдобрите велосипедисти и репрезентативци од секоја земја, каде што ќе поминува. Веќе се потврдени учества и на различни други групи ентузијасти (бајкери, трејлери…) кои сакаат да бидат дел од овој караван.

За следење на турата, пројавија интерес и сите регионални национални медиуми. Веќе одеше најава за истата на Македонската телевизија, меѓутоа интерес пројави националната телевизија на Хрватска (ХРТ), се разговара со националниот медиум на Србија (РТС), на Бих, на Црна Гора, на Албанија, а интерес покажа и најдобриот регионален информативен медиум, Ал Џезеира Балканс од Сараево.

Ова соопштение, на јазикот на сите поранешни ју-републики, ќе биде испретено и до сите електронски национални и регионални медиуми, кои исто така пројавија интерес да го објават соопштението и да ја поддржат оваа несекојдневна идеја.

Се надеваме дека успеавме да ви ги пренесеме дел од енергијата и пораките кои овој несекојдневен настан ги испраќа и дека можевте за почеток да се убедите во посебноста на настанот, за што однапред Ви благодариме.

„Животот, велат, е како возење велосипед, мораш да се движиш да останеш стабилен.“

Сподели!
- Advertisement -