Со 90 гласа „за“ Собранието на Република Северна Македонија едногласно ги усвои измените на Законот за минимална плата со кои минималната плата ќе се покачи од 15 на 18 илјади денари.
Со законските измени, се очекува околу 80 илјади работници да земат покачена плата веќе од април. Во првата година државата ќе ја покрива разликата помеѓу досегашниот и новиот износ на придонеси, за што од Буџетот ќе се издвојат околу 16 милиони евра.
„Минималната плата од 18.000 денари која ја ветивме, денес е реалност. Честитки за нашите сограѓани кои со изгласаниот Закон за минимална плата веќе со мартовската плата ќе можат да го зголемат својот домашен буџет за најмалку 45 евра месечно. Минималната плата од 18.000 денари ќе придонесе кон подигнување на животниот стандард што е наша врвна цел. Сега веќе ќе може платите да растат без дополнителна интервенција, ќе се подига квалитетот на живот на граѓаните и во иднина“, напиша на Фејсбук премиерот Димитар Ковачевски по изгласаниот закон.
Со новото законско решение усогласувањето на минималнaта плата ќе се прави според два критериуми: 50% од порастот на просечно исплатената нето плата во Република Северна Македонија во претходната година и 50% од порастот на индексот на трошоците на живот за претходната година, според податоците на Државниот завод за статистика. Додаден е и нов трет критериум, според кој висината на минималната плата нема да може биде пониска од 57% од просечната плата објавена според Државниот завод за статистика.