ФАО помага да се поттикне одржлив и климатски отпорен развој во руралните подрачја

- Advertisement -

Како и во многу делови од светот, руралните заедници во Северна Македонија се напуштаат. Руралното население се иселува или во урбаните центри или во странство, во потрага по подинамичен квалитет на живот и подобри економски можности.

Често, руралните средини се карактеризираат со висока стапка на невработеност, ограничени можности за пристојна заработувачка и економски развој, застарена инфраструктура, недостаток на знаење и ресурси за одржливи земјоделски практики, како и ранливост на климатските промени.

- Advertisement -

Со цел адресирање на овие предизвици, во текот на изминатата деценија, ФАО ја поддржува Владата на Северна Македонија во напорите да се обноват и заживеат руралните средини и да се обезбеди одржливо производство на храна. Преку Програмата за техничка соработка ФАО, меѓу другото, дава поддршка во креирањето политики, јакнење на институционалните капацитети, земјишните реформи, вклучително консолидација на земјоделското земјиште, подобрувања во системите за квалитет на храна, вредносните синџири, и системите за наводнување и одводнување.

Неодамна, се постигнаа значајни резултати во поддршката на неколку рурални заедници, со цел да се осигура дека тие можат да понудат атрактивни можности за живот и одржлив развој за помладите генерации. Со поддршка на ФАО и Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, селата Оптичари, Жабени, Егри во општина Битола и Спанчево, Соколарци и Чешиново во општина Чешиново-Облешево активно учествуваа во проект за интегриран локален развој преку кој се адресираа клучни социјални, економски и еколошки предизвици на овие рурални заедници.

- Advertisement -

Врз основа на потребите идентификувани во секоја заедница, беа реализирани мали инвестиции за подобрување на руралното живеење, особено во однос на подобрување на образовната средина.

Според министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски, интегриран рурален развој и зголемување на отпорноста на земјоделството е еден од основните национални приоритети и клучна област на соработка помеѓу ФАО и Владата на Република Северна Македонија. Според него, од особено значење е фактот што овие рурални инвестиции беа спроведени паралелно со тековните, поголеми интервенции на ФАО, МЗШВ и други партнери за поддршка на структурни земјишни реформи, како и на продуктивно, одржливо и климатски отпорно земјоделско производство.

- Advertisement -

„Важно е да се има интегриран пристап во локалниот развој на заедниците“, вели Мортен Хартвиген, офицер на ФАО за управување со земјиште. „Овој пристап помага не само при развојот на земјоделството и руралните средини преку поттикнување на продуктивноста и конкурентноста, туку исто така овозможува развојот да биде инклузивен и да води кон подобри услови за живот во руралните заедници – и за жените, и за мажите и за ранливите групи кои се во опасност да бидат изоставени“.

Преку друг проект за унапредување на климатската отпорност, ФАО помогна да се постават демонстративни локалитети за изучување и тестирање на иновативни климатски паметни технологии за земјоделско производство на три пилот локации: средното стручно училиште „Димитар Влахов“ во Струмица, селото Миравци во општина Гевгелија и во Ресен.

ФАО обезбеди модерни пластеници со опрема за наводнување, системи за хидропоника и греење, опитни локалитети за демонстрација на надворешни системи за заштеда на вода преку подповршинско наводнување, како и системи за УВ заштита и заштита од град.

Планот е овие пилот-локалитети понатаму да се одржуваат од страна на училиштето и локалните земјоделски задруги, при што ќе имаат корист повеќе од 300 средношколци и млади фармери изучувајќи и практикувајќи технологии за климатски паметно земјоделство.

Исто така, со поддршка на земјоделската задруга „Петрушка Река“ и овоштарското здружение „Благој А. Котларски“, стотици активни земјоделци во Ресен и Миравци ќе имаат дирекна корист од изучување на практики како производство во пластеници, диверзификација и ротација на земјоделски култури, мрежи за УВ заштита и многу повеќе.

Според Вилијами Факава, офицер на ФАО за производство и заштита на растенија, усвојувањето и примената на технологиите за климатски паметно земјоделство ќе им помогне на земјоделците да постигнат значително подобрено растително производство и зголемена отпорност на климатските промени. Тој истакна дека „овие пилот акции имаат за цел да поттикнат поголеми иницијативи за справување со климатските промени и трансформирање на националниот земјоделско-прехранбен систем, преку зголемување на земјоделското производство на одржлив начин и во насока на исполнување на Целите за одржлив развој“.

Сподели!
- Advertisement -