Шел денеска објави дека се повлекува од Русија и од заедничките инвестиции со руската компанија Газпром и поврзаните компании, поради руската инвазија на Украина.
Шел го повлекува својот удел од 27,5 отсто во фабриката за течен природен гас Сахалин-II и уделот од 50 отсто во енергетските проекти Салим петролеум дивелопмент (Салим) и Гидан енерџи.
Компанијата исто така има намера да го прекине учеството во проектот Северен тек 2.
„Шокирани сме од загубата на животи во Украина, за што жалиме, како резултат на бесмислениот чин на воена агресија што ја загрозува европската безбедност“, изјави генералниот директор на „Шел“, Бен ван Берден.
Потегот на Шел дојде еден ден откако нивниот ривал БП ги објави плановите да се ослободи од својот удел од речиси 20 отсто од акциите во компанијата Роснефт, која е под контрола на руската држава.
Во текот на вчерашниот ден, норвешката компанија „Екинор“ објави дека ќе ги запре новите инвестиции во Русија и ќе почне да ги продава своите средства на таа земја.
Најголемата инвестиција на Шел во Русија е неговиот удел во проектот Сахалин II во водите близу островот Сахалин кај источниот брег на Русија.
Компанијата Мицуи со седиште во Јапонија има 12,5 отсто удел во проектот, а Мицубиши има 10 отсто.