Воениот судир во украина ги натера двата најголеми производители на неон да го стопираат производството, што дополнително ќе го поремети глобалното производство на чипови. Гасот неон е клучен за функционирање на ласерите при производството на чипови, а речиси половина од неонот за индустриско производство доаѓа од две украински компании – Ingas и Cryoin, пишува Reuters.
Од агенцијата наведуваат дека тие две компании произведуваат од 45% до 54% од специфичниот тип на неон потребн за производство на полупроводници. Во вообичаени околности Ingas произведува 15.000 до 20.000 кубни метри неон месечно, од кои 75% одат директно за потребите на индустријата за чипови.
Глобалното производство на неон изнесува 540 метрички тони годишно. Cryoin го прекина производството на неон уште првиот ден од инвазијата, додека Ingas продолжи со производство во текот на првите неколку дена, но по ескалацијата на судирите во Мариупол, каде што е седиштето на компанијата, прекина со работа. Дополнителните проблеми во индустријата за чипови само ќе ја влошат ситуацијата и ќе го отежнат закрепнувањето после недостигот на чипови како последица на пандемијата на корона вирусот.
(RTS)
(фото: eias.org)