Покрај покачувањето на пензиите по нова методологија, како дел од антикризните мерки во наредните три месеци секој пензионер ќе добива дополнително по 1 000 денари месечно
Собранието вечерва ги изгласа измените на Законот за пензиско и инвалидско осигурување, со кои се предвидува нова методологија за пресметување на растот на пензиите.
Дополнително, како дел од антикризните мерки секој пензионер во наредните три месеци (април, мај и јуни) ќе добива и по 1 000 денари.
Новата методологија за пресметување на раст на пензиите, предвидува дека тие ќе се усогласуваат два пати годишно – во март и септември. Од СДСМ веднаш по изгласувањето на законите измени се огласија порачувајќи дека пензионерите првото покачување според новата методологија ќе го добијат уште овој септември и оти тоа ќе донесе историско највисоко зголемување односно пензиите во просек ќе пораснат по околу 900 денари.
Новата методологија предвидува при усогласувањето да се земаат предвид растот на трошоците за живот и растот на просечната плата во земјава, а за неа денеска зборуваше и пратеникот и претседател на Партијата на пензионерите, Илија Николовски.
„Со новата методологија добиваме решение каде што усогласувањето на пензиите се врши според движењето на индексот на трошоците на животот во висина од 50 проценти и порастот на просечната плата на сите вработени во државата, во висина од 50 отсто. Според ова, пензиите понатаму ќе се усогласуваат на 1 март и 1 септември, секоја година според процентот што се добива како збир на порастот на индексот на трошоците на живот во претходното полугодие“,
рече Николовски.
Според него, ова е голем успех за пензионерите, кои во земјава ги има околу 330 000, бидејќи се задржува принципот на пензијата како економска категорија, а не социјална и се добива одржливо решение кое нема да зависи од власта.
До договорот за нова методологија, но и за помош од по 1 000 денари наредните три месеци, дојде на 4 март по преговорите кои ги водеа Владата и здруженијата на пензионерите.