Во рамките на заложбите за јакнење на синџирите на вредност во секторот овошје, потсектор калинка, Мрежата за рурален развој на Северна Македонија ја препозна компанијата Органик нар од Богданци како партнер, преку кој ќе делува во заложбите за јакнење на локалниот развој. Карактеристично за интервенцијата на МРР на СМ е тоа што таа се спроведува според принципите на пристапот за развој на пазарни системи (market system development пристап).
За време на интервенцијата „Јакнење на синџирите на вредност во сектор овошје, потсектор калинка“ спроведена од ММР, производителите имаа можност да се запознаат со придобивките од договорното производство, како и да ги споделат своите досегашни искуства и ставови во поглед на градењето доверба помеѓу производителите и откупувачите. Реализацијата на оваа интервенција е дел од проектот „Организациски развој на МРР и развој на одржливи модели за обезбеденост со храна во локалните заедници“ кој е поддржан од Sida и We Effect Europe:
- Проектните интервенции на МРР на СМ дефинирани преку МСД пристап се насочени кон локалните рурални заедници и нивна поддршка со цел зголемување на нивната прилагодливост и унапредување на нивниот одржлив развој. Посебен акцент е ставен на членовите на заедницата со пониски приходи кои ќе имаат најголеми придобивки од вклучување на пазарот со своите производи. Целта на оваа интервенција е унапредување на развојот на пазарниот систем и зајакнување на вредносните синџири во секторот за преработката на храна, јакнење на довербата помеѓу производителите и откупувачите преку воспоставување на договорни односи со откупувачите, подобрување на квалитетот, но и маркетинг и промоција на производите. Токму во таа насока е идентификувањето на Органик Нар како партнер во една од интервенциите на МРР. Имено, еден од традиционалните овошни производи во јужните делови на Република Северна Македонија е калинката. Во регионот има добри педоклиматски услови за негово одгледување. Предизвикот со кој се соочуваат земјоделците е организиран пласман, па тие се принудени екстра квалитетните калинки да ги пласираат на пазарите низ земјава. Поради немање организиран пазар тие се принудени да ги фрлаат и помалку квалитетните калинки кои ги има во големи количини. Со формирање на откупнo-преработувачки центар во регионот се очекува да се реши овој проблем – вели Елизабета Ристеска Мрческа, организациски координатор на МРР.
Органик Нар е семејна страт-ап компанија од Богданци, чии први плодови се сочните калинки израснати на сопствените насади распослани во недопрена природна средина на југот на Македонија. После неколку години занимавање со одгледување калинки, компанијата започна со производство на природен сок од калинка со уникатен освежувачки вкус и автентична арома.
Органик Нар во првата година произведе 50 тони сок од калинка. Започнавме со суровина од своите насади, а потоа и со откуп од локални одгледувачи. Во меѓувреме југоисточниот регион бележи зголемен интерес за одгледување на калинката кај локалните овоштари. Нашиот следен чекор е едукација на локалното население, посебно на младите за иднината на калинката. Паралелно потпишавме и меморандум за соработка со Технолошко-металуршкиот факултет во Скопје, каде ќе ги вршиме дел од стручните анализи и ќе работиме на заеднички проекти. Нашата компанија ги отвора вратите и за пракса за студентите од овој факултет – вели Александар Семенпеев од Органик Нар.
Преку оваа пилот интервенција се тестира бизнис модел, кој ќе овозможи зголемен пристап до пазарот, а истовремено ќе делува на полето на подобрување на продуктивноста и производствените стандарди.