По повод Денот на екологијата и првиот ден на пролетта, љубопитното слонче Халки и неговиот тим го посетија ОУ „Коле Неделковски“ од Скопје. Заедно со учениците и наставниците засадија садници во училишниот двор. Децата ветија дека ќе се грижат за дрвцата, а Халки дека повремено ќе ги посетува за да види како растат заедно.
Средбата беше повод дружељубивиот Халки да ги потсети учениците и на вредностите за кои постојано пишува, зборува и презема многу активности: екологија и борба за здрава животна средина, другарство, важноста на читањето книги. Денеска е и Светски ден на лицата со Даунов синдром, па дружината зборуваше и за прифаќањето на различностите и за еднаквите образовни можности за сите деца.
Почетокот на пролетта е повод и за распишување на наградниот ликовен конкурс „Пролетните авантури на Халки“, на кој право на учество имаат деца до 12 годишна возраст.
Сите дела пристигнати на конкурсот, ќе бидат изложени на голема пролетна изложба под отворено небо. Тричлена комисија ќе ја разгледува и оценува креативноста, а авторите на најдобрите три цртежа добијат депозит за детско штедење од Халкбанк.
- Ја продолжуваме својата мисија за поддршка на најмладите преку нивно креативно изразување. Пролетта е инспиративна за сите, па и овој пат сакавме да ги повикаме децата да размислуваат за пролетните авантури, за екологијата, здравите навики, чистата средина, другарството и прифаќањето. Поддршката на најмладите е најсигурен влог за иднината – вели Маја Наумовска Савеска од Халкбанк Ад Скопје.
Ликовните творби треба да се испраќаат до Центар за визуелна комуникација – Ефектива, на ул: 29 Ноември 4Д, 1000 Скопје со назнака „Ликовен конкурс” најдоцна до 28.03.2022 година.
Прогласувањето на победниците ќе биде на 31 март на веб страницата на организаторот и на социјалните мрежи.