Иако стара според годините на постоење – 100 години – Стопанската комора е исклучително млада и жилава кога станува збор за креирање активности за потребите на компаниите, кои од ден на ден се менуваат во зависност од нивните приоритети и од моменталните барања на пазарот, но и од актуелните случувања на глобален економски план (корона-кризата, економската криза, финансиската криза, скапите суровини и енергенси, како и воениот руско-украински конфликт, кои ги билдаат цените на суровините на светските берзи и доведуваат и до недостиг од суровини, енергенси и сл.). Комората ги препозна тие сигнали навреме и го воспостави концептот на иднината за забрзан економски развој на државата, модел замислен уште во 2010 година. Услови за негово целосно активирање беа создадени во 2016 година, со трансформација на внатрешните процеси, а во 2021 година, во екот на здравствено-економската криза, стана функционален и понуди нова, подинамична и современа комора, ориентирана кон иднината, во која дигитализацијата, напредните технологии и иновациите се основата на стопанскиот развој на државата.
За таа цел, и Советот за напредни технологии, како еден од четирите столба што се ставаат во функција на потребите на бизнисот, во интерес на поттикнување на техничко-технолошкиот развој и унапредување на квалитетот на производството и на услугите поврзани со иновации и со напредна технологија, како и со примена на стандарди и на добри деловни практики во работењето, на средината на јуни годинава (како дел од активностите за одбележување на 100-годишнината од постоењето на Комората) ќе ја реализира Годишната конференција, со акцент врз три сегменти: промоција на мерките поврзани со напредните технологии, промоција на компаниите кои користат напредни технологии и промоција на Комората како субјект кој ги поврзува и ги развива онака како што е предвидено во стратешкиот коморски документ.
Визионерското размислување и следењето на светските текови и трендови Комората ги потврди и со Наградата за дигитален шампион за 2021 година од Светската трговска организација (WTO), Мeѓународната стопанска комора (ICC) и од Меѓународниот центар за трговија (ITC) за Проектот „Платформа за дигитализација на процесите и издавање е-документи“, потребни на компаниите во надворешно-трговското работење, како уште една во низата награди кои ги потврдуваат инцијативноста и креативноста на Стопанската комора повеќе од 15 години наназад. Во 2006 година добивме Награда за најдобар портал во рамките на EUROCHAMBER. Во 2013 година бевме прогласени за најдобра комора во регионот. Во 2019 година „Медиа солушн“ ни додели Награда за портал на годината. Значи тоа е еден континуиран процес.
Комората на иднината го продолжува континуитетот на дигитализација. Советот за напредни технологии добива партнер во развивањето на процесот, т.н. ТИМ 40, новата форма на здружување во Комората, чиј претседател во следните 4 години ќе биде Жарко Димитриоски од маркетинг агенцијата „Еден на еден“.
ТИМ 40 ќе работи на тоа да ги обедини младите претприемачи и преку новите трендови и практики, во условите во кои функционираат помладите генерации со различна перспектива на гледање на работите, да внесе свежина и нови трендови на менаџирање и на дејствување, заради изнаоѓање решенија и заради следење успешни практики. „Еден на еден“, „Директ медија“, „Вертиго“, „ИВМ нетворк“, „Фригоколд“, „Тиго“, „Кликни-јади“ и „Точка“ дополнително ќе придонесат во развојот и во промоцијата на претприемачкиот дух, како еден од клучните двигатели за иден економски развој.
ТИМ 40 ги има мојата поддршка и поддршката на Комората бидејќи и политиката на најстарата и најмоќна бизнис-асоцијација, во годината во која слави 100 години постоење, покажува и докажува дека само со афирмирање и со приклучување на помладите генерации, со нивната иновативност и креативност, има потенцијал да се внесат свежина и нови трендови на менаџирање и на дејствување.