Согорување на биомасата претставува најголем извор на загадување на амбиенталниот воздух и тоа придонесува за надминување на дозволените гранични лимити на суспендираните цврсти честички, но постојат и други значајни извори коишто можат и мора да се решаваат, дури и во пократок временски рок.
Тоа се, пред се согорувањето на нафтата и мазутот во разни процеси и минералната прашина која што потекнува од градежните активности, ресуспензијата на прашината од улиците, еолската ерозија на вегеталните површини, како и палење на оган на отворено, посебно со тоа што покрај согорување на земјоделски отпад и градинарски има согорување и на други видови на отпад, се наведува во заклучоците на Студијата за извори на загадување на воздухот во Скопје.На презентацијата на заклучоците од Студијата, беше истакнато дека градежништвото е сериозен учесник во загадувањето, односно дека минералната прашина, посебно во текот на летните месеци, која може да се поврзе токму со несоодветните мерки на градежните активности, рушење, ископување, па и движење на тешки возила по сообраќајниците, без притоа да се преземаат мерки за контрола, сериозно учествува во загадувањето на воздухот.
Меѓу другите загадувачи, беше нотирано и користењето на автомобилите, за што беше напомнато дека со подигање на јавната свест може да се најде алтернатива, како пешачење, возење на велосипед и користење на јавен превоз.
Студијата е изработена со софистицирана лабораториска опрема на Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип која прецизно ги анализираше и утврди поединечните извори и видови на загадувачи на воздухот во Скопје. Собирањето примероци за загадувачите врз кои е направена анализата во лабораториски услови се одвиваше од октомври 2020 година до ноември 2021 на две постојани и три мобилни локации во Скопје.
Постојаните локации за мониторинг се наоѓаат во Општина Карпош, како репрезентативна урбана локација без директна изложеност на значајни извори на загадување и во Ново Лисиче, како урбана локација која е изложена на загадување кое доаѓа од повеќе извори: сообраќај, загревање на домаќинства со огревно дрво, индустрија итн.
Студијата е изработена во рамки на проектот „Справување со загадувањето на воздухот во градот Скопје“, вреден над два милиони американски долари, финансиран од Шведската агенција за меѓународна соработка и развој (СИДА), а го спроведува Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП), во партнерство со Град Скопје и Министерството за животна средина и просторно планирање.
Извор – Независен весник