Поради украинската криза во Германија граѓаните ги празнат рафтовите со сончогледово масло, а првите угостители почнаа да го исфрлаат помфритот од менијата поради недостигот на масло за пржење и поради високите цени на маслото.
Бидејќи Украина е битен производител на соночгледово масло и масло од маслодајна репка, од каде што Германија ги увезува тие производи, Германците стравуваат дека ќе мора наскоро да се откажат од јадење помфрит.
Првите угостители го бришат помфритот од менијата. Еден угостител од Диселдорф за весникот Bild вели дека има проблеми со маслото за фритезата за пржење затоа што маслото станало многу скапо. Тој во јануари годинава плаќал по 90 евроценти за литар масло од маслодајна репка, а денес тоа чини и до 4 евра по литар. Тој вели дека тоа е прескапо и би било неизбежно драстично да се покачи цената на помфритот.
Во германските супермаркети цените на маслото се покачија за 29%. Во соседна Австрија во супермаркетите нема проблеми со понудата на масло. Во Австрија се нуди масло од маслодајна репка од домашно производство, но угостителите и таму користеле поевтино украинско масло, кое сега го заменуваат со домашното. Австриските власти велат дека снабдувањето со масло е осигурано и дека граѓаните таму не мора да прават залихи.
(Bizlife)
(фото: Pixabay)