Сите компании кои поседуваат А или Б-интегрирана еколошка дозвола од денеска се објавени како дел од дигиталниот регистар што го изработи Министерството за животна средина и просторно планирање.
На веб страната https://registers.mk поставени се дигитализирани и мапирани информации на повеќе од 450 страници, со имиња, адреси и дејност на субјекти, како и индустриите во кои работат. За секоја компанија е поставен и линк до архивата на Министерството во која се наоѓаат информациите од кога е издадена дозволата и сите дополнителни документи кои се вклучени во неа, а изработена е и мапа со точната локација каде се наоѓа инсталацијата.
Целта на објавувањето на регистерот, информираат од Министерството за животна средина, е навремено и транспарентно информирање на јавноста за носителите на овие дозволи.
„Платформата е изработена во рамки на Министерството и ќе биде достапна на македонски, албански и англиски јазик“, велат од оваа институција.
А-интегрираните дозволи се наменети за големите индустриски субјекти и ги издава Министерството за животна средина, додека Б-интегрираните дозволи ги издаваат локалните самоуправи. Интегрираното спречување и контролата на загадувањето е регулирано со Законот за животна средина кој го пропишува режимот на издавање на еколошки дозволи за одредени видови на индустриски активности како што се металургијата, енергетиката, хемиската индустрија, но и активности од земјоделието и управувањето со отпад. Целта на издавањето на интегрираната дозвола е целосно да се опфатат и регулираат сите влијанија врз животната средина кои се резултат на индустриски активности.
Во насока на зголемување на транспарентноста и достапноста на информации до јавноста, од Министерството велат дека следната недела ќе биде јавно достапна и веб страница со податоците и мапа на јавни објекти коишто користат нееколошки енергенси за затоплување.
Извор – Мета
Фото – Pixabay