Утрово Боемската улица во Дебар Маало во Скопје беше претворена во уметничка галерија на отворено. На неа се изложени двесте детски цртежи кои пристигнаа на конкурсот „Пролетните авантури на Халки“, а е организирана по повод одбележувањето на 15 Април – Светскиот ден на уметноста.
Еднодневната изложба потсетува дека креативноста е темел за здраво општество, а уметноста има високо и значајно место во него. Децата преку цртеж праќаат клучни пораки кои возрасните треба да се потрудат да ги прочитаат. Тие се идните творци и уметници, тие се и публиката која ќе знае да ги цени вистинските вредности. Создавањето услови и слобода за детското креативно изразување, значи и градење почит кон уметноста.Како банкарски сектор, необично многу ја цениме уметноста. Градејќи ја својата препознатливост и во македонски услови, многу често за нашите проекти знаеме да побараме помош од уметници и креативци.
Нашиот слоган е „Важни се луѓето“, а меѓу нив посебна важност имаат оние што творат, креативно се изразуваат, создаваат со помош на своите вештини и имагинација. Како дел од нашата општествена одговорност, се трудиме таа доверба да биде обострана, па често поддржуваме настани, фестивали и случувања што во фокусот ја имаат уметноста. Најдобра и најуспешна е комбинацијата на креативноста и едукацијата за најмладите. Нашата корпоративна култура подразбира вложување и во формалното и неформалното образование и поттикнување на идна публика што ќе ги цени културата и уметноста. Денеска е празник на сите што знаат колку уметноста е важна за секој човек – вели Маја Наумовска Савеска од „Халкбанк“.
Изложбата за сите случајни минувачи во срцето на градот е вистинско пролетно изненадување. Пријатна музичка поддршка даде дуото виолини Петар Поповски и Олгица Шундиќ, а Арта Ќаили од студиото Dancers United изведе модерен балет во слободна импровизација.
15 април низ светот се одбележува од 2012 година со најразлични изложби, претстави, перформанси и трибини на кои се истакнува значењето на уметноста и во зачувувањето на мирот и слободата.