Либерализација на финансискиот пазар со влез на нови даватели на платежни услуги, нови платежни услуги, како и намалување на надоместокот за трансакциите се дел од новините што ќе им бидат достапни на граѓаните и фирмите од 1 јануари 2023 година. Тоа е овозможено со донесувањето на Законот за платежни услуги и платни системи, којшто го подготви Министерството за финансии, а стапува на сила на 20 април 2022 година.
Новиот закон, којшто претставува усогласување на домашното законодавство со директивите на ЕУ од областа на платежните услуги, обезбедува сигурен, стабилен и ефикасен платен систем во Македонија, целосно компатибилен со платните системи на земјите членки на ЕУ.
Со либерализацијата на пазарот се овозможува, покрај банките, кои досега имаа монопол во давањето платежни услуги, на пазарот да се појават и платежни институции, односно трговски друштва кои врз основа на дозвола од Народната банка ќе даваат платежни услуги.
„Новите услуги што ќе бидат достапни се однесуваат на услуги за иницирање плаќање и услуги за давање информации за платежни сметки. Конкретно, услугата за иницирање плаќање ќе им овозможи на корисниците да иницираат трансакции за плаќање преку интернет или преку мобилни апликации на товар на нивната банкарска сметка преку давател на услуги за иницирање плаќања. Оваа услуга ќе биде особено корисна во сферата на електронската трговија, односно наместо со платежна картичка, на интернет продажните места ќе може да се плати и со користење електронско банкарство.
Услугaта за давање информации за платежни сметки ќе овозможи полесно следење на извршените трансакции и состојбата на сметките, односно подобро управување со ликвидноста, како и анализа на потрошувачката на корисникот на платежни услуги која може да резултира со нудење нови услуги согласно неговото претходно однесување и потреби. Дополнително, за корисникот тоа ќе го олесни процесот за аплицирање со цел добивање кредитни продукти од банки и други финансиски институции“, соопшти Министерството за финансии.
(Denar.mk)
(фото: Piqsels)