Младите иноватори Сара, Кате и Марко на креативен начин едуцираат и промовираат еколошко живеење во Македонија!

- Advertisement -

Сара Коцевска, Катерина Илијовска и Марко Гапо се млади екологисти, ентузијасти и иноватори, кои своите животни определби, да живеат во согласност со природата и одржливоста, сакаат да ги преточат во уникатен продукт, платформата Yes for Less.

Во интервју за Иновативност, овие тројца инспиративни луѓе објаснуваат дека планираат нивната платформа да биде заснована на еко-заедница и за секој заинтересиран да обезбеди размена на знаење и практични совети за одржливо живеење.

- Advertisement -

Yes for Less, велат Сара, Кате и Марко, ќе едуцира и ќе информира, но и ќе споделува инспиративни приказни и ќе мотивира промени кон подобро.

Новинар- Сања Наумовска

- Advertisement -

Кажете ни нешто повеќе за вашата платформа Yes for Less

Познаваме многу луѓе од Македонија кои сакаат да водат поеколошки начин на живот, но не знаат од каде да почнат или се демотивирани поради недостаток на ресурси и расфрлани информации. Од друга страна, има многу локални бизниси кои нудат етички произведени и еколошки производи и услуги, но повеќето луѓе не се ни свесни дека постојат.

- Advertisement -

Решението кое сакаме да го понудиме е платформа заснована на еко-заедница која ќе обезбеди размена на знаење и практични совети за одржливо живеење, каде истовремено ќе може да најдете еко-производи и услуги од македонски еко-бизниси. Понатаму, платформата Yes for Less ќе понуди и место за прикажување на приказни од инспиративни македонски личности кои на оригинален или сосема секојдневен начин го даваат својот придонес за подобрување на животната средина.

Целта на нашата идеја е да им помогнеме на што поголем број луѓе кои се обидуваат да ја заштитат животната средина и да ги поддржат локалните еко-бизниси, да ги остварат своите еко-цели, воедно штедејќи време и пари. Сметаме дека со оформување на една ваква еко-заедница се зголемува потенцијалот за заедничко дејствување и за решавање на поголеми проблеми во државата.

Какви информации планирате да се споделуваат на платформата за да може да ја исполните вашата цел?

На платформата ќе може да се најдат два главни типа на информации – едните од едукативен, а другите од комерцијален карактер. Едукативниот дел ќе содржи статии и постови со практични информации за како секој од нас може да живее на еден поеколошки начин. Нормално бидејќи не сме експерти во секое поле, за надополнување на содржините ќе соработуваме со луѓе од С.Македонија кои имаат поголемо знаење на теми за кои ние не ги знаеме деталите. Од друга страна, во комерцијалниот дел на едно место ќе бидат собрани и прикажани производи од локални македонски бизниси, кои се еколошки алтернативи на производи што мнозинството ги користиме во секојдневниот живот.

Нашата замисла е платформата да биде интерактивна, односно посетителите да може да придонесат на различни начини кон достапноста на што повеќе корисни информации. Ова е и всушност една од главните замисли на нашата идеја – оформување на еко-заедница во нашата земја која ќе придонесува во информирањето на пошироката публика и ќе си помага меѓусебно.

Како планирате да ја одржувате и надоградувате платформата, со оглед на тоа дека би содржела информации кои се менливи?

Се обидуваме колку што можеме да сме во тек со сите новости и промени кои се случуваат во нашата земја во областа на екологијата. Освен социјалните и останатите медиуми, во овој „предизвик“ од голема помош ни се и нашите следбеници на Инстаграм, како и луѓето кои лично ги познаваме и се заинтересирани за еколошки теми. Сите овие канали ќе ни помогнат навремено да ги ажурираме информациите кои се веќе застарени, а исто така сакаме да воведеме и едноставен и брз начин преку кој посетителите ќе може да не контактираат и да ни дадат до знаење за измени потребни во врска со информации споделени на веб страната.

Би сакале да споделиме дека нашата веб платформа ќе ја отвориме во многу блиска иднина и во потрага сме по луѓе кои би сакале да се приклучат и да допринесат на било каков начин за дооформување на нашата еко заедница. Тоа може да биде во форма на пишување текстови, лекторство и проверка на текстовите, снимање и едитирање видеа, фотографирање и едитирање, UX/UI дизајн, дигитален маркетинг, финансии, итн. Доколку некој има познавање од овие области, малку слободно време и сака да биде дел од ширењето на еколошката свест во Македонија, тогаш дефинитивно треба да ни се приклучи! Достапни сме на Инстаграм: @_yesforless (https://www.instagram.com/_yesforless/ ),  Фејсбук: Yes for less  (https://www.facebook.com/Yes-for-less-108379165047867) или пак на мејл yesforlesss@gmail.com.

Како дојдовте на идеја да создадете ваков тип на платформа?

Се започна кога Сара и Кате се преселија во странство поради магистерски студии, Сара како архитект во Италија, а Кате пак како хемиски инженер со фокус на енергетика на мастер програма која вклучуваше живеење во неколку држави – Полска, Португалија и Шпанија. Гледајќи како граѓаните на сите овие европски држави живеат и се однесуваат, нѐ поттикна да размислуваме што и ние во Македонија правиме подобро, а што полошо, и што можеме да примениме и научиме. Така, во јануари минатата година Сара и Кате го започнаа инстаграм профилот @_yesforless каде првичната идеја беше споделување на секојдневни, еколошки навики со нашите пријатели и најблиски и учење едни од други. Со текот на времето, добивме многу позитивни коментари од страна на поединци кои лично не ги познававме, но со кои поминувавме саати и саати допишувајќи. Во текот на претходната година разменивме толку многу совети и научивме толку многу и самите ние, што решивме дека имаме нова мисија – воспоставување и креирање на еко заедница во Македонија.

Не сакавме идејата да остане само на Инстаграм и сметаме дека има голем потенцијал со оглед на тоа што имаме добиено околу 21.000 прегледи од различни профили на нашите објави по органски пат. Затоа лани во октомври, заедно со Марко, кој ни се придружи тогаш, аплициравме на програмата за социјално претприемништво RISE организирана од страна на АРНО и после пет месеци бевме избрани како еден од двата победнички тима на овој натпревар при што добивме грант кој ќе го искористиме за доразвивање на нашата идеја во наредните месеци.

Едукацијата и информацијата треба да предизвикаат некоја акција. Сметате ли дека Yes for Less ќе ја предизика посакуваната промена?

Информирањето би било скоро бесполезно доколку од него не произлезе конкретна акција која би имала позитивно влијание, во нашиов случај врз животната средина и животот на оние кои се решиле да живеат поодржливо. Ние првично се фокусираме кон промена на индивидуалните навики, кои сметаме дека често имаат домино ефект и мотивираат и други луѓе околу нас да се запрашаат за влијанието на своите секојдневни навики, а и да ги променат кон подобро. Ние исто така веруваме и во моќта на колективот, па така пошироката слика која би сакале еден ден да стане реалност е да имаме моќ за заедничко дејствување и за решавање на поголеми проблеми во државава.

Hand presenting earth sustainable environment remix

Спомнавте дека неодамна идејата за Yes for Less беше прогласена за една од победничките на проектот RISE на АРНО. Што значи за вас ова искуство?

Да се биде дел од проектот RISE за нас е огромна поддршка и мотивација. Иако во нашето општество работите малку потешко се менуваат, промените изгледаат многу поверојатни кога има цел тим кој верува во тебе и е тука да те поттурне нудејќи знаење и контакти од луѓе кои може да те насочат кон правиот пат. Таков е тимот на АРНО кој неуморно ни помага во последниве седум месеци, а соработката ќе продолжи и во наредните неколку. Во склоп на проектот RISE во март учествувавме и на т.н. bootcamp во Сараево, каде што имавме прилика да се запознаеме со останатите победнички тимови од Балканот. Сите тие се млади луѓе желни за позитивни промени и овие познанства ни се особено драги бидејќи сфативме дека со нив ги делиме истите проблеми присутни во нашиот регион, што уште повеќе не мотивира да продолжиме знаејќи дека не толку далеку има многу други кои се борат за истите цели како нас.

Кажете ни нешто повеќе за вас, кој е тимот што ја осмисли и ја создава оваа платформа?

Ние сме тројца млади ентузијасти, Катерина и Сара се најдобри другарки веќе седум години и имаат работено заедно во студентската организација Борд на европски студенти по технологија (BEST) во текот на три последователни години, на најразлични проекти и настани. Марко го запонаа виртуелно откако го отворија инстаграм профилот @_yesforless. Како креативна личност и страстен активист, тој е одлично дополнување на тимот во патувањето RISE како совршена можност да ја развијат својата идеја на следното ниво.

Ние сме тим со различни приказни и искуства, но соединети сме со иста заедничка мисија. Веруваме дека тоа е она што не прави силни. Сепак, не ги поседуваме сите вештини за целосно развивање на еден бизнис, па ќе ни биде потребна помош и од други луѓе со слични интереси за успешно изведување на нашата идеја.

Какви се вашите планови за иднината?

Гледајќи кон иднината, ние имаме краткорочни и долгорочни планови. Приоритет ни е да ја направиме и пуштиме во употреба платформата Yes for less, а исто така да оформиме тим со кој заеднички би работеле на проблематиките и различните теми за кои би се зборувало. Исто така во склоп на проектот RISE, како дел од инкубациската фаза, ќе одиме во Белград и во Нови Сад каде ќе оствариме средби со неколку интересни личности од кои една е Соња Дакиќ, жената која го основала првото еко-социјално препријатие во Србија пред осум години. Понатаму, во јули ќе одиме на регионален форум во Тирана каде повторно ќе се сретнеме со победничките тимови од останатите пет земји кои се дел од проектот, како и со други личности кои имаат искуство во областа на претприемништвото и сл. Овие две искуства имаат за цел да ни помогнат во доразвивањето на идејата, споделување на информации и искуство од прва рака како и проширување на кругот на познанства од кои би бенефитирале во иднина.

Кога станува збор за долгорочните планови, секако дека ги има повеќе на број, но пред сѐ ние сметаме дека треба да останеме другари бидејќи се ова започна од најдобро пријателство помеѓу Сара и Кате и би сакале и така да остане. Во иднина се надеваме дека би соработувале со голем број на луѓе кои би сакале да го споделат свое знаење во полето на екологијата, би сакале да видиме конкретни промени кај компаниите преку наша помош и едукација, би сакале да одржиме еколошки предавања во школите, како и да направиме физички акции. На пример, тоа би можело да бидат настани за разменување облека, работилници за како да си направиш свој еколошки производ од почеток, со употреба на отпад и сл. Отворени сме за секакви соработки, со организации, поединци и со сите кои би биле заинтересирани да ни се приклучат на било каков начин, дали да е тоа некој заеднички проект или пак доколку би сакале да не поддржат во оваа мисија и да станат наши спонзори.

Сподели!
- Advertisement -