Одбележувајќи ја Неделата на женското здравје која трае од 8 до 14 мај Македонската асоцијација на гинеколози и опстетричари-МАГО денес започна кампањата за сексуална едукација иницирана од соработката со светската невладина организација Amaze.
Водејќи се според основната мисија и цел за поттикнување природен и здрав сексуален развој на децата и адолесцентите, како и градење на свет во кој младите би имале постојан пристап до неопходните информации гинеколозите подготвија 20 едукативно-забавни кратки видеа и едукативни ресурси за сексуалното здравје кои се достапни на македонски и албански јазик.
На денешната презентација гинеколозите исто така ги соопштија резултатите од неколкумесечната работа на мобилните гинеколошки амбуланти за рано откривање на карциномот на грлото на матката преку бесплатен гинеколошки преглед и ПАП тест.
Според сознанијата на членовите на МАГО најмладата малолетничка во Македонија која абортирала има само 13 години. Во 2020, имало 18 девојчиња под 15 години кои биле родилки, а од вкупниот број на новороденчиња, 4,9 проценти ги родиле мајки на ворзаст од 15 до 19 години.
Исто така, иако малолетничката бременост можеби е во некакво опаѓање, но бројките уште се големи.
Во рамките на кампањата со дебати за теми поврзани со репродуктивното здравје на жените и активности за да се срушат стигмите и бариерите што девојчињата и жените ги имаат за своето репродуктивно и сексуално здравје и да ја подигнат свеста за значењето на редовните гинеколошки прегледи гинеколозите потсетуваат дека има огромно поле за работа со младите.
„Анализите покажаа дека тие претставуваат најмал дел од популацијата која редовно се обраќа на гинеколог. Кај младите има една стигма и незнаење за некои од основните работи, на пример опасностите да се здобијат со сексуална пренослива инфекција. 20 проценти од нив сметаат дека кондомот штити од несакана бременост, а не штити од сексуално преносливи инфекции. И 20 проценти од младите сметаат дека ако пијат орална контрацепција тоа ќе ги заштити од сексуално преносливи болести, што не е точно“, рече проф. д-р Глигор Тофоски.
Уште еден поразителен податок е тоа што повеќе од 60% од жените не одат на редовен гинеколошки преглед еднаш во годината, а повеќе од 40% немаат избрано матичен гинеколог.
Источниот Регион бележи намал одѕив за вакви прегледи. Спред проф. д-р Ана Данева како резултат на пандемијата намален е и бројот на гинеколошки прегледи од бремените жени.
„За жал, бележиме двојно намалени услуги за редовни прегледи посебно во првите три месеци од бременоста, а тоа е многу важно за сите компликации кои можат да се јават понатаму во бременоста. Намалени се услугите за репродуктивното здравје. Иако се спроведе проектот за безбеден абортус , сепак сите услуги за семејно планирање не забележавме дека добија поголем одговор во споредба со минатото“, рече проф. д-р Данева.
Со мобилната гинеколошка амбуланта од декември до крајот на минатиот месец опфатени се 1.300 пациентки за кои биле обезбедени ултразвучни прегледи во бременост, гинеколошки прегледи, земање на брис, ХПВ тест и тестови за сексуално преносливи инфекции, а жените ако е потребно се праќаат и на дополнителни иследувања.
Вкупен број на прегледани пациентки во периодот од 1-ви декември 2021 година до 31-ви март 2022 година преку двете мобилни гинеколошки амбуланти | Извор: МАГО
Медицинските тимови составени од доктор, специјалист по гинекологија и акушерство и медицинска сестра во тој период реализирале вкупно 115 теренски активности.
(Meta.mk)
(фото: YouTube)