Народната банка за првпат започна со обработка и објавување на податоците[1] за степенот на финансиската вклученост на населението и употребата на дигиталните канали за извршување на плаќањата според родовата и возрасната структура на населението. Со новата збогатена збирка податоци од доменот на платежната статистика се постигнува подобро следење на дигиталната трансформација на банкарството во земјата и развојното ниво на финансиската вклученост на населението во користењето на дигиталните канали за извршување на плаќањата. Прибирањето податоци од оваа сфера ќе ја зајакне информативната основа за формулирање на политиките за развој на платежните услуги и платните системи во рамките на Народната банка, за дефинирање на стратегиски насоки за развој на националниот платен систем во рамките на надлежностите на Националниот совет за платни системи, како и пошироко, за сите засегнати страни во целокупниот финансиски систем во земјата преку зголемување на нивото на транспарентност со објавување на овие податоци. Имајќи предвид дека поседувањето трансакциска сметка (во натaмошниот текст: сметка) е првиот чекор кон финансиска вклученост на населението, според обработените податоци се утврди дека на крајот на 2021 година граѓаните располагале во просек со 1,9 сметки по глава на жител. Притоа, сопствениците на сметките ги користат дигиталните услуги за пристап кај околу 43% од сметките, додека пак електронски плаќања се извршуваат кај 17% од сметките.
Од аспект на возрасната структура, помладата популација на возраст до 34 години располага во просек со 1,7 сметки и се најголеми корисници на дигиталните канали за увид во сметките и за извршување на електронските плаќања. Имено, поголем дел од сметките во нивна сопственост, односно над 65% им биле достапни за електронски увид, а 25% за извршување на електронските плаќања. Граѓаните од возрасните групи од 35 до 64 години, на кои отпаѓаат по 2,5 сметки, што е над просекот по глава на жител, помалку ги користат дигиталните услуги и вршат електронски увид во своите сметки до 43% и електронски плаќања преку 17% од сметките.
Граѓаните на возраст над 65 години најмалку ги користеле дигиталните канали за увид (само на 23% од сметките) и електронско плаќање (околу 6% од сметките), иако им припаѓаат по 2,4 сметки, односно 0,5 сметки повеќе од просекот по глава на жител. Сепак, овие граѓани релативно поактивно ги користеле платежните картички за повлекување готовина, учествувајќи со 17,8% во вкупниот број трансакции за повлекување готовина на банкомати во земјата.
Генерално, во однос на минатата година се забележува поголема употреба на дигиталните услуги кај сите возрасни групи, што е причина за нагорно поместување на учеството и на сметките со електронски пристап и на сметките за електронски плаќања.
Од аспект на родовата структура на сопствениците на сметките, податоците посочуваат на родов јаз од 0,6 сметки повеќе во корист на мажите (2,2 сметки по глава на жител[2] од машки пол, наспроти 1,6 сметки по глава на жител од женски пол). Сепак, во споредба со мажите, во текот на 2021 година жените биле поактивни пристапувачи преку дигиталните канали кон своите сметки, правејќи најмалку еден увид во состојбата или промените, како и поактивни плаќачи, користејќи ги погодностите на интернет-банкарството или мобилните платежни апликации. Така, сметките коишто се во сопственост на жените и со можност за плаќање преку интернет-банкарство или мобилна платежна апликација биле искористени за таа намена 41,6%, додека во истиот период мажите користеле 39,5% од своите сметки за таа можност. Инаку, жените и мажите подеднакво направиле најмалку еден увид во состојбата и промените во неа кај 50% од нивните сметки.
Од аспект на инфраструктурната покриеност по општини за извршување на платежните трансакции, најголема покриеност со банкомати на десет илјади жители е забележана во Скопје (10), Дојран (10) и во Гевгелија (9), додека, пак, најголема покриеност со уреди на физички места на продажба е евидентирана во Скопје (566), Гевгелија (325) и во Охрид (299). Во рамките на Градот Скопје, најголема покриеност со банкомати и уреди на физички места на продажба имаат општините Центар, Аеродром и Карпош.
(NBRM)
(фото: Wikimedia)