Tимот на СУГС „Никола Карев“ од Скопје со концептот „Нов иновативен систем за наводнување“ го освои првото место на средношколскиот натпревар „Најдобар бизнис концепт 2022 година“, известуваат организаторите од Центарот за извонредност на стручно образование и обука на Машинскиот факултет во Скопје.
„Концептот има функција да го скенира обликот на површината што треба да се наводнува, да ја мери влажноста на почвата и дава согласност за активирање на прскалката доколку има потреба од наводнување на просторот. Со овој производ спречуваме прекумерно наводнување, излевање на вода од зелените површини и испуштање на водни млазници надвор од тревниците“, објаснуваат организаторите.
За освојување на првото место, средношколскиот тим е награден со 110.000 денари.
Од Центарот информираат дека второто место го освои тимот на на СОТУ „Ѓорѓи Наумов“ од Битола за проектот „3Д фабрика“кој предвидува примена на најсовремена 3Д технологија за да се дизајнираат и создаваат решенија за различни предизвици со еколошки предзнак. Концептот е награден 50.000 денари.
Третото место го поделиле тимовите на СУГС „Јосип Броз Тито“ од Скопје со проектот за „Паметно решение за паркинг“, односно креирање на апликација за резервирање паркинг простор, и тимот на СЕПУГС „Арсени Јовков“ од Скопје со концептот за „Еколошки торби“ односно изработка на торби и ранци за пазарење од стара облека. Тимовите биле наградени со 20.000 денари.
Во финалето учествувале 16 тимови од средните училишта од 8 градови во земјава.
Ова е шесто издание на средношколскиот натпревар кој се организира од 2006 година со цел да ги мотивира средношколците да усвојуваат стручни вештини кои ќе ги искористат за развивање на бизнис концепти, со ориентација кон зелена и циркуларна економија.
Професорот Трајче Велковски, раководител на Центарот, а воедно и член на Комисијата, го истакна фактот дека повеќе од 80 отсто од предложените бизнис концепти се базираат на идеи кои ја помагаат зелената транзиција.