Пред неколку дена норвешкиот гигант Equinor почна со склопувањето на турбините за ветар кои ќе бидат дел од најголемата пловечка фарма на ветар во светот – Hywind Tampen.
Пловечката фарма на ветар ќе обезбедува доволно енергија за ископување нафта и гас на платформите Сноре и Галфакс во норвешкото Северно Море. Тоа ќе биде првата пловечка фарма на ветар во светот која ќе напојува платформи за гас и нафта среде море.
Со системски капацитет од 88 MW, тоа исто така ќе биде најголемата пловечка фарма на ветар во светот и клучен чекор кон производство на индустриски решенија и намалување на трошоците за идните проекти за производство на енергија од пловечки фарми.
Фармата ќе се состои од 11 турбини на ветар надградени од 8 на 8.6 MW. Првите четири турбини од фармата веќе се поставени. Високи се 190 метри. Фармата Hywind Tampen се наоѓа на околу 140 км од брегот на Норвешка во вода со длабочина од 260 до 300 метри.
Кога Hywind Tampen ќе профункционира, Equinor ќе управува со речиси 50% од глобалното производство на енергија од ветар од фарми среде море. Hywind Tampen ќе биде еден вид на тест полигон за понатамошниот развој на фармите на ветар и ќе се истражува употребата на нови и поголеми турбини, нови методи на инсталација, структури од бетон и интеграцијата помеѓу системите за гас и ветар.
Се очекува Hywind Tampen да почне со производство во третиот квартал од годинава.
(Inceptive Mind)
(фото: Pixabay)